Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) денеска го презентираше тематскиот извештај за дискриминацијата на жени Ромки во областа на работните односи, во пресрет на 8 Март – Меѓународниот ден на жената. Извештајот има за цел да потсети на значењето на еднаквоста, недискриминацијата и заштитата на правата на жените, особено на оние кои се соочуваат со повеќекратна и интерсекциска дискриминација.
Во извештајот се анализира состојбата со дискриминацијата во областа на работа и работни односи во периодот од 2022 до 2024 година и се даваат препораки за институционални и системски мерки за надминување на структурните бариери при вработувањето.
Според податоците, Ромите сочинуваат околу 2,53 проценти од населението во државата, според пописот од 2021 година. Во 2023 година општата стапка на невработеност изнесувала 13 проценти, додека кај ромската популација достигнувала околу 67 проценти. Дополнително, само 8 проценти од Ромките се вработени, што укажува на сериозна структурна исклученост од пазарот на трудот. Ромките често работат во неформалниот сектор, без социјална и здравствена заштита и со ограничен пристап до мерки за вработување.

„КСЗД има надлежност да постапува во случаи на дискриминација на Ромките при вработувањето во јавниот и приватниот сектор. Законот за спречување и заштита од дискриминација ја препознава повеќекратната и интерсекциската дискриминација, што е клучно за заштита на Ромките во областа на работните односи“, изјави членот на Комисијата, Зекир Абдулов.
Тој посочи дека бројот на поднесени претставки за дискриминација е многу низок. „Од 407 новоотворени случаи во 2024 година, приближно 40 проценти се за потенцијална дискриминација на работно место или при вработување, додека само три се за дискриминација врз Роми во областа на вработувањето, од кои само во еден случај е утврдена дискриминација“, рече Абдулов.
Тој појасни дека Комисијата постапува по претставки на граѓани, при што ги соочува аргументите на двете страни – подносителот на жалбата и лицето или субјектот кон кого е насочена претставката, по што се утврдува дали има елементи на дискриминација.
„Врз база на тоа постапување, Комисијата изработува мислење со кое се сугерира отстранување на недостатоците и укинување на неправедната положба во која дискриминираното лице се јавува“, потврди Абдулов.
На прашањето како судовите го вреднуваат мислењето на Комисијата, тој посочи дека во одредени случаи судот го потврдува мислењето на КСЗД, но има и случаи кога пресудата е спротивна од мислењето на Комисијата.
„Сепак, судот е независен орган, а нашата ингеренција завршува со покренување прекршочна постапка доколку не се постапи по нашите препораки“, додаде Абдулов.
Правното и економско зајакнување на Ромките ќе придонесе кон зголемено користење на механизмите за заштита од дискриминација и нивно учество во консултации за политики кои директно ги засегаат.

„Извештајот препорачува најпрво прибирање на етнички и родово разделени податоци кои ќе помогнат во идентификација и докажување на дискриминацијата, конкретни мерки за надминување на идентификуваните предизвици, зајакнување накапацитетите на институциите надлежни да ги штитат граѓаните од дискриминација за различните форми на дискриминација, унапредување на доказните стандарди во постапките и воведување на јасни процедури за пријавување на дискриминација“, изјави во своето излагање на презентацијата, Севги Идриз Муратоглу, раководител на Одделението за спречување на дискриминација и промоција на принцип на еднаквост.
Во делот на судската заштита, во периодот 2022–2023 година донесени се 19 пресуди од основните граѓански судови кои се однесуваат на дискриминација во работните односи, од кои само три се поднесени од жени.
Заклучокот од извештајот е дека дискриминацијата врз Ромките при вработувањето претставува структурен и повеќеслоен проблем, чие решавање бара координирано дејствување на институциите, судовите, инспекторатите, граѓанските организации и самите заедници.
Фото: Радио МОФ



