Дисциплинска постапка против инспекторот Ѓорѓи Илиевски

Покрената е дисциплинска постапка против инспекторот Ѓорѓи Илиевски, кој јавно откри дека тројца високи функционери иако биле на функција незаконски се стекнале со повисоки стручни звања на Tетовскиот државен универзитет. Имено, се работи за министерот за образование и наука Арбер Адеми, заменик министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост Сафет Емрули.

Илиевски на 19 јули треба да се појави пред дисциплинска комисија во Државниот просветен инспекторат (ДПИ). За медиумите изјави дека ќе инсистира сослушувањето да биде јавно, бидејќи, како што вели, повикан е на „дисциплинска“ бидејќи открил незаконитост. Случајот вели е пријавен кај Народниот правобранител, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Државната комисија за спречување корупција и Инспекцискиот совет.

Од Државниот просветен инспекторат пак велат дека дисциплинската постапка е покрената по поднесена иницијатива до нив, а поради тоа што Илиевски изнесувал факти за предмети кои немаат конечност во постапката.