Директорот на студентските домови Крешимир Павиќ поднесе оставка

Директорот на студентските домови Крешимир Павиќ поднесе оставкаДиректорот на Државниот студентски центар “Скопје” Крешимир Павиќ, поднел оставка на функцијатa, информира Министерството за образование. Павиќ оваа функција ја извршуваше речиси пет години  – од февруари 2007 година.

Неговата оставка доаѓа по серијата инциденти во студентските домови и по поплаките на студентите на очајните услови за живот во сместувачките капацитети во Скопје. Минатиот месец, студенти од „Гоце Делчев“ 18 часа беа без струја, парно и вода, откако откажа електричната инсталација во домот. Претходно, на интернет-порталите се појави фотографија, на која се гледа како лебарки го лазат јадењето на студентите во мензата во домот „Стив Наумов“. Павиќ испрати реакција, во која се закануваше со тужби за медиумите кои ја објавија фотографијата.

Нов директор на Државниот студентски центар е Даниела Темелкова, дипломиран педагог на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Темелкова на УКИМ го изработува и својот магистерски труд од сферата на „Менаџирање во образованието“. Таа досега има работено како педагог во основно училиште и воспитувач во детската градинка „Буба Мара“, Општина Аеродром, каде од август 2010 ја врши функцијата директор.