Раководителот на италијанската Агенција за лекови (АИФА), Стефано Вела, поднесе оставка во знак на протест поради строгата политика на Владата во врска со мигрантските прашања, објавија италијанските медиуми, пренесува ДПА.
Одлуката на Вела е реакција на долгото задржување на мигрантите на бродот „Дичоти“ во пристаништниот град Катанија на Сицилија, кое заврши синоќа.
„Како лекар не можам да толерирам да раководам државна здравствена институција, во момент кога луѓе се третирани на ваков начин, на наша територија“, изјавил Вела за новинската агенција АНСА.
Тој додал и дека секој што е против острата политика на министерот за внатрешни работи Матео Салвини, „треба да го направи истото што и тој“.
Мигрантите на бродот „Дичоти“ беа спасени на 16 август. Откако стигнаа на пристаништето во Италија, министерот Салвини не им дозволил симнување на италијанска територија, барајќи други земји на Европската Унија да ги прифатат. Тој дури синоќа дал дозвола луѓето да го напуштат бродот, откако Албанија, Ирска и италијанската католичка црква се согласиле да ги преземат мигрантите.
На бродот имало неколку случаи на туберкулоза меѓу луѓето, како и десетици жени кои тврделе дека биле силувани во Либија.