Директорите на училиштата со поделени мислења за државната матура

Директорите на неколку средни скопски училишта денеска изразија различни мислења во врска со воведувањето на математиката како задолжителен предмет на државната матура, кое вчера го најави Министерството за образование и наука.

Дел од директорите сметаат дека најавените новини во образованието се добар чекор, додека други сметаат дека е потребно зголемување на фондот на часови по математика и подолг период на подготовка за новините.

Драган Арсовски, директорот на гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“ смета дека треба да постои дополнителен период за адаптирање на учениците на најавената новина.

„Можеби треба една година да се спроведува пробно новината, за да се види како ќе биде. Сметам дека државната матура треба да биде со четири екстерни предмети, од кои два би биле задолжителни, а два изборни“, рече Арсовски.

Директорот на гимназијата „Георги Димитров“, Сашо Стојменов, смета дека за да се зголеми квалитетот на знаење, фондот на часови по математика треба да се зголеми за уште еден час неделно, зашто сега е три часа.

Директорот на „Васил Антевски-Дрен“, Александар Канурков, истакна дека е добро што во средните стручни училишта полагањето ќе биде правено по втората година.

„Добро е најден начин да се проверат знаењата на учениците и нема да бидат тестирани по математика како во гимназиите каде што се изучува четири години. Овие реформи ќе донесат напредок, особено за стручните училишта, зашто во две години знаењата им се свежи“, рече Канурков.

Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, вчера најави дека математиката ќе стане задолжителен предмет при полагањето на државната матура. На последниот државен испит од 19.289 пријавени кандидати за полагање во јуни, за математика за основно ниво се пријавиле 2.184 ученици, а за напредно ниво само 13.