Директори на ученички и студентски домови бараат корекција на средствата кои ги уплатува државата

Здружението на Директори на ученичките и студентските домови во Република Македонија бара зголемување на партиципацијата за ученик/студент која ја добива од државата.

Во име соопштение до јавноста, потпишано од претседателот на Здружението Дарио Николовски, е потенцирано дека на денешната средба меѓу Здружението и министерот за образование и наука Арбен Адеми и заменик министерот Петар Атанасов било разговарано за проблемите во ученичките и студентските домови, со фокус за можностите за корекција на средствата кои ги уплатува државата.

„На средбата исто така присуствуваа и претставници од кабинетите на премиерот на РМ, министерството за финансии и министерството за информатичко општество За 16 години партиципацијата од министерството за образование и наука претрпе само една измена со зголемување за 10 %. Оваа сума ни одблиску не ги покрива трошоците околу сместувањето на учениците/студентите, режиските трошоци и исхраната за учениците и студентите, особено по одлуката на Влада за задолжително средно образование со што се отежна буџетот на студентските и средношколските домови“, велат од Здружението.

Според нив, станува збор за 26 домови, 18 ученички и 8 студентски домови. Дополнително, Здружението на  бара партиципацијата да се плаќа 12 месеци од причина што, велат тие, тековните трошоци и плати за вработените се реализираат во текот на целата година.

„Здружението на директори на ученичките и студентските домови работат на подобрување на условите во домовите. Затекнатите состојби сепак се на незадоволително ниво па наместо за нови инвестиции се исплаќаат долгови. Наша цел е учениците и студентите да имаат соодветни услови за стекнување на своето образование. Здружението секојдневно работи за остварување на тоа“, стои во соопштението на Здружението.