Директор од Велес под истрага за незаконски спроведена ученичка екскурзија

Основното јавно обвинителство – Велес поднесе Обвинителен предлог против директор на средно училиште во овој град, кој се товари за неправилности околу спроведената екскурзија за учениците во трета година.

Како што се наведува во обвинението, откако завршила постапката за избор на најповолен понудувач за екскурзијата, веќе следниот ден директорот го склучил договорот за нејзино организирање, а два дена подоцна екскурзијата била реализирана.

„Спротивно на одредбите од Правилникот за начинот на организирање на ученичките екскурзии во средните учлилишта, иако штотуку започнал да тече рокот за жалба на неизбраните понудувачи, само два дена подоцна, односно на 10.04.2016 година овозможил реализација на екскурзијата.

За автобусите со кои заминале учениците не бил доставен записник за извршен вонреден технички преглед не постар од еден месец, а со автобусите управувале возачи кои поседувале лекарски уверенија за психофизичка способност за управување на истите со датум постар од дозволените шест месеци.

Бидејќи екскурзијата е целосно реализирана во времето кога течел рокот за жалбена постапка, иако останатите понудувачи вложиле навремена жалба, нивните жалби биле беспредметни. На овој начин, директорот несовесно постапил при вршењето на своите овластувања и должности со што потешко ги повредил правата на други лица“, стои во соопштението на ОЈО Велес.

Предметот е оформен по допрен глас, по што е спроведена истрага, додаваат од обвинителство. Директорот се сомничи за сторено кривично дело – Несовесно работење во службата (чл.353-в ст.2 од Кривичниот законик).