Директор даде шест милиони за жените и мажите во неговата компанија да имаат еднаква плата

Извршниот директор на компанијата Сејлсфорс, Марк Бениоф, се обврзал да го затвори родовиот јаз во платите на машките и женските вработени. Бидејќи не успеал на конвенционален начин, дал шест милиони долари од своето богатство, за жените во Сејлсфорс да имаат иста плата како и машките колеги.

Родовиот јаз во платите меѓу мажите и жените во САД сè уште постои. Жените заработуваат 21 процент помалку пари од мажите во просек.

Во 2015 година, Сејлсфорс спровеле интерна студија за платите, и се покажало дека треба да направат промени за да имаат родова еднаквост во компанијата. Затоа, потрошиле три милиони долари за да го подготват теренот. Една година подоцна, повторно ги истражувале платите и виделе дека треба да потрошат дополнителни три милиони за затворање на родовиот јаз – директно ги зголемиле платите на жените од профитот на компанијата, чиј сопственик е Бениоф.

Сега, Бениоф вети дека ќе ги евалуира платите редовно. Поради неговиот напор во воспоставувањето на еднаквоста, беше прогласен за „Глобален поборник за жените во бизнисот“, и е на второто место на оваа листа на Фајненшл Тајмс.

Првото место и припаднало на Рана Гандур Салхаб од компанијата Делоит.