Протест на дипломатскиот синдикат против злоупотребите и партизацијата во МНР

Синдикатот на македонската дипломатија денес пред Министерството за надворешни работи излезе на протест против „деградацијата и политизацијата“ во нивното министерство, со барање да се стават во мирување измените на Законот за надворешни работи од 2008 година до денес.

Дипломатите протестираа поради, како што велат, целосното деградирање на Министерството за надворешни работи преку партиско преземање и вршење на надворешно-политички активности. За дипломатите спорни се и ингеренциите на економските промотори, кои според нив се поголеми од оние на дипломатските претставници.

„На нашата дипломатија и треба сериозен фокус,  особено во време на избори. Само професионална и неутрална дипломатија може во најголема мера да ги попречи евентуалните злоупотреби на гласовите на дијаспората“, смета претседателот на Извршниот одбор на Синдикатот на македонската дипломатија, Сашко Тодоровски.

Данчо Марковски, претседател на Дипломатскиот клуб на Македонија, апелираше до Министерството за надворешни работи да им дозволи на дипломатите професионално да ја извршуваат својата функција.

„Ве молиме, дајте ни да си ја работиме работата професионално, дозволете ни да бидеме сервис кој ќе ги штити интересите на државата и на граѓаните, и овозможете ни добро претставување на алатка која ќе може да им помогне на економските субјекти во републиката при нивните напори за освојување на други пазари“, истакна тој.

Од Синдикатот велат дека многупати досега се обиделе да воспостават дијалог со нивното раководство, но единствена реакција која ја добиле било молчење.

„Досега го изразувавме своето незадоволство на инситуционален начин. Ова е прв пат да излеземе вон институционалните рамки. Не би сакал да прејудицирам, но ова е на некој начин предупредување“, вели Тодоровски, додавајќи дека доколку не наидат на одговор, ќе ги радикализираат своите постапки.

С.Т