Дипломата во џеб и правец „само не тука“

Дипломата во џеб и правец „само не тука“

„Дојдов до заклучок дека повеќе се исплати да отвориш партија отколку фирма, денес се мислам да си аплицирам во агенција за иселување“.

„Невработеноста се намалува од ден на ден со иселување, е тоа е добар маркетинг потег.
Оти за името на државата се грижиме, но не и за луѓето кои живеат во државата. Ете затоа ќе си одам од земјава“.

„Ако не знаеш колку луѓе се во фаза на иселување од Македонија види само колку миленици се подаруваат поради заминување во странство“.

„Оти за името на државата се грижиме, но не и за луѓето кои живеат во државата. Ете затоа ќе си одам од земјава“.

Ова се дел од коментарите на младите луѓе на социјалните мрежи на тема иселување. Најголем дел од младите кои живеат надвор од Скопје сакаат својата иднина да ја градат надвор од Македонија, а сè помалку и главниот град им ја нуди перспективата која ја посакуваат, велат од невладините организации. Тоа го покажува и последното истражување на Реактор, според кое околу 40 проценти од младите одговориле дека за пет години својата иднина ја гледаат во друга држава. Според статистичките податоци, во Скопје, Битола, Прилеп, Куманово и Тетово живее 40 отсто од вкупното население во земјава.
Иако државните институции не кажуваат колку луѓе ја напуштиле земјата, службата за статистика на ЕУ, Еуростат, објави дека од 1998 та до 2012-та, 230 илјади луѓе официјално се иселиле од земјава и имаат регулиран престој во странство. Тоа претставува повеќе од 10 отсто од вкупното население во Македонија. Од нив, 170 илјади Македонци се со привремен престој во земјите од ЕУ. Најголем дел од иселениците во ЕУ живеат во Италија, потоа следуваат Германија, Австрија, Словенија. Во периодот од 2002 година до 2008 година се забележува и масовно одобрување странски државјанства за македонските граѓани. Во тој период околу 5.000 луѓе годишно добивале пасош во друга земја. Но, се претпоставува дека бројката е многу поголема, бидејќи не се знае колку луѓе имаат нерегулиран престој.
Главните причини поради кои илјадници млади луѓе годишно ја напуштаат земјава се пари, подобро образование, подобро платена работа. Различни се начините на обезбедувањето на работна виза, со желба само да се замине тие се спремни да работат секаква работа таму, склучуваат фиктивни бракови, бараат врски и пријатели кои ќе им го гарантираат престојот.
Младата Драгана Ќориќ веќе неколку години живее во чешката престолнина Прага. Таа објаснува дека одлуката да замине од земјава ја донела откако година и пол по дипломирањето во Скопје не можела да најде работа. Таму сега е на постдипломски студии и вели дека, иако е странец, воопшто не се чувствува така, затоа што ужива во многу студентски бенефиции.
„Многу подобри услови за студенти, многу повеќе бенефиции, и навистина постојат тие сите студентски бенефиции коишто би требало да ги имаме и овде. И тука ги ветуваа тие бенефиции, но ништо од тоа не видов, а во Прага сум многу позадоволна. За студентските бенефиции, да тргнеме прво од безброј студентски попусти што ги добивам, како одење на театар, кино,  јавниот превоз, многу книги, библиотеки и ред други работи. Со тоа што државата овозможува и многу стипендии, а стипендијата ја покрива месечната кирија“, вели таа.
За разлика од неа, Јана Андева, која неодамна ги заврши студиите по архитектура и продолжи на мастер студии вели дека студентските бенефиции, особено финансиските олеснувања во Македонија се мисловна именка.
„Многу пари ни одат, затоа што по цели денови сме на факултет или во читална, а реално немаме никакви попусти за ништо, ни за храна некаде, ни за превоз, за ништо немаме попусти“, вели Андева.
Таа додава дека најголем проблем на студентите им се финансиите.
„Затоа што многу пари ти се потребни како студент, а реално немаш време да заработуваш за самиот себе, а и родителите не можат баш сè финансиски да дозволат“, вели таа.

Целиот текст прочитајте го на Радио Слободна Европа