Диносаурусите можеби угинале од комета наместо од астероид, тврди студија на Харвард

Ново истражување од Харвард покажува дека диносаурусите на Земјата можеби биле убиени од комета наместо од астероид, пренесува Си-Ен-Ен.

Истражувачите од Харвард направија студија, објавена во Саентифик рипорт, според која парче комета ја погодило Земјата пред околу 66 милиони години и го создало кратерот Чиксулуб.

Катастрофалниот удар на оваа комета го прекинал животот на сите диносауруси. Не само што овој Чиксулуб-удирач довел до масовно истребување на сите диносауруси на Земјата, туку и убил речиси три четвртини од растителните и животинските видови на Земјата.

„Тоа сигурно било прекрасна глетка, но забавата завршила кога карпата удрила во Земјата“, вели коавторот на студијата Абрахам Лоеб, професор по наука на Универзитетот Харвард.

НАСА ги опишува астероидите како мали карпести објекти што кружат околу Сонцето. Тие се помали од планета, но се поголеми од објектите со големина на камче што ги нарекуваме метеороиди. Кометите, пак, се замрзнати остатоци од формирањето на сончевиот систем направени од прашина, карпи и мраз. Тие имаат ширина од 2-3 до десетици километри, но додека орбитираат поблизу до сонцето, се загреваат и исфрлаат гасови и прашина во светлечка топка што може да биде поголема од планета.

Иако се претпоставува дека причината за истребувањето на диносаурусите е тоа што на Земјата паднал астероид, професорот Лоеб вели дека зад ова масовно истребување стои дел од комета. Кометата потекнувала од облакот Оорт, група ледени објекти лоцирани на работ на Сончевиот систем.

„Јупитер дејствува како флипер-машина… кога нешто ќе му се приближи, може да го шутне“, потенцира Лоеб.

Од друга страна, други истражувачи не се согласуваат со теориите на Лоеб и велат дека постојат неколку траги што укажуваат дека кратерот Чиксулуб е создаден од астероид.