ДИК: Партиите итно да престанат со инцидентите, а надлежните да ги расчистат

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Чичаковски, денеска упати апел до политичките партии итно да престанат со сите инциденти и порача дека насилството може само да донесе штета на кандидатите, партијата, на изборниот процес и на државата.

„Државната изборна комисија најостро ги осудува сите досегашни инциденти во пресрет на локалните избори што ќе бидат одржани на 15 октомври. Тие го нарушуваат демократскиот амбиент и изборниот процес во Република Македонија, и треба да престанат“, изјави Чичаковски.

Кандидатите за градоначалници и советници, како и политичките партии кои тие ги претставуваат, потпишаа кодекс за фер и демократски избори со што се обврзаа дека ќе ги почитуваат принципите на демократијата и доброто владеење и дека ќе придонесуваат за демократски развој на општеството, укажа Чичаковски.

Тој во име на ДИК, ги повика надлежните институции да ги расветлат немилите инциденти и да ги казнат сторителите, а сите политички партии да придонесат кон смирување на страстите, да влијаат на своите членови и кон спречување на какво било идно насилство или инциденти.

„Насилството никогаш не е решение! Тоа не му помага на никого, и може само да донесе штета на кандидатите, на партијата, на изборниот процес, на државата. Уште еднаш апелираме кон итно престанување на сите негативни појави, кон почитување на противкандидатите и кон фер и демократски избори. Избори се победуваат на 15 октомври со јасно изразена воља на граѓаните, со голема излезност и индивидуално право на секој граѓанин да гласа за оние кандидати кои смета дека се најдобри, а не со насилство“, додаде претседателот на ДИК.

Извор: МИА