ДИК во Карпош извршила директна продолжена дискриминација врз лицата со физичка попреченост

Постапувајќи по службена должност, а по допрен глас, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди директна продолжена дискриминација врз основа на попреченост во учество во јавен и политички живот од страна на ДИК (Државната изборна комисија) врз лицата со физичка попреченост.

„Дискриминацијата настанува поради непристапноста за лица со физичка попреченост до подрачната канцеларија на ДИК во општина Карпош. Оваа канцеларија е местото каде што лицата кои живеат во општините Карпош, Ѓорче Петров и Сарај ги депонираат потписите за поддршка на независни кандидати за членови на советите на општините или граѓаните. КСЗД изврши увид во просториите на подрачната канцеларија и констатираше дека, освен за лицата со физичка попреченост, пристапот до оваа канцеларија е отежнат и за повозрасни и лица со нарушено здравје“, информираат од Комисијата.

КСЗД донесе општа препорака со која на ДИК му се препорачува да ги преземе сите потребни вонредни дејствија во насока на обезбедување на правото на лицата со физичка попреченост да можат по сопствен избор да поддржат некоја од независните кандидатски листи за претстојните локални избори. Имајќи ги предвид кратките рокови за собирање на потписите, КСЗД го повика ДИК да постапи по оваа општа препорака во најкус можен рок.

Инаку, почнувајќи од 16 па се до 30 август, од 08:00ч. до 20:00ч. секој ден вклучително викенди и празници, во подрачното одделение на ДИК во Карпош се собираат потписите за поддршка на независната советничка листа „Ние – Независни за Карпош – За Заштита на Карпош“, за Советот на општината Карпош на локалните избори 2021 година најавени за 17 октомври.

Истовремено се собираат потписи и за поддршка на независната советничка листа „Зелен Хуман Град“ и потписи за кандидатката за градоначалничка од листата Ана Петровска.

Подрачното одделение на ДИК за кое реагираат од КСЗД е во општина Карпош на ул. Стрезово бр.7, Козле, веднаш до средното угостителско училиште „Лазар Танев“.