ДИК и МОСТ: 20,45 отсто одѕив до 13 часот, гласањето се одвива без посериозни неправилности

Од обработени 75,50 отсто од избирачките места, до 13 часот на гласање излегле 284 942 гласачи или 20,45 отсто од граѓаните запишани во Избирачкиот список.

Најголем одѕив има во Прилеп – 35,2 отсто, Новаци – 33,12 отсто, Свети Николе со 31,10 отсто, Неготино – 29,02 отсто, Пробиштип – 30,62, Ранковце – 30,63, Демир Капија со 32,75, Кратово со 30,53 и Вевчани – 29,54 отсто.

Најнизок одѕив има во Липково – 5,43, Желино 6,62 и Врашчиште 7,5 отсто.

Гласањето од 7 часот се одвива непрекинато и без проблеми, со исклучок на едно гласачко место во Студеничани, каде гласање денес нема бидејќи три часа доцнеше отворањето на гласачкото место, соопшти портпатолката на Државната изборба комисија, Љупка Гугучевска. Таа извести дека до нив стигнале 2 приговори за заштита на избирачко право, кои се одбиени.

Станува збор за два случаи каде граѓани не се пронашле во Избирачкиот список на избирачкото место каде отишле да гласаат. Приговорите се одбиени од причина што граѓаните имале важечки лични документи, но се издадени по завршувањето на јавниот увид со што немало можност да се пријават и нивните податоци да бидат ажурирани во Избирачкиот список.

Во меѓувреме, одѕивот на предвремените локални избори кои се одржуваат истовремено со претседателските во Дебар е 17,57 отсто, во Ново Село е 21,27 отсто и во Охрид е 26,18 отсто.

Од МОСТ, пак, забележале две изолирани неправилности.

„На ГМ 2805/1 во општина Центар, Скопје, на почетокот од гласањето биле откинати 3 ливчиња заедно со серискиот број од кочанот. На ГМ 1385/1 во Прилеп, откако едно гласач гласал било увидено дека не бил запишан во Избирачкиот список, но тој гласал заедно со неговата сопруга која била запишана во Избирачкиот список и која се потпишала во истиот“, соопшти Златко Димитријоски, претставник на МОСТ.

Денеска се гласа на 3.480 гласачки места во 80 општини. Право на глас имаат 1.808.131 граѓани.