ДИК ги отрфли сите приговори за изборите

Државната изборна комисија (ДИК) синоќа ги отфрли сите приговори поднесени од политичките партии во врска со изборите кои се одржаа во средата.

Пред седумчлениот состав се најдоја 2.141 приговори кои беа отфрлени на седницата која траеше 100 минути. Најголемиот дел од приговорите беа одбиени со образложение дека во нив недостасуваат потписи на овластено лице, како и дека не се наведени никакви докази или опишување на фактичка ситуација со која би се објасниле неправилностите на кои се приговара.

Од вкупната бројка на поднесените приговори во предвидените рокови, партијата Левица поднесе 1.982, Алијанса за Албанците – Алтернатива 151, ВМРО-ДПМНЕ поднесе два, а до Комисијата беше поднесено и едно барање за увид во неважечките ливчиња од гласањето.

Членот на ДИК, Борис Кондарко образложувајќи го ставот за одбивање на приговорите изјави не треба да се дозволи преку ДИК и преку приговорите, партиите да водат политичка кампања.

„Од сите приговори, што уредни, што неуредни, ние освен наратив, освен есеи и освен фејсбук статуси не добивме ниеден записник, ниедна забелешка. Записниците се јавни. Подносителите на приговори не ни доставуваат записници. Ние овде треба да се расправаме со политички изјави и фејсбук статуси. ДИК тоа нема да го дозволи. Ние спроведовме успешни претседателски избори, референдум без ниедна забелешка. Тоа се случи и на овие избори. Нека се подзамислат добро сите поднесители на приговори зошто имаат потреба на ваков начин да водат политичка кампања. Кампањата заврши три дена пред избори. ДИК нема да дозволи никој преку приговорите да води политичка кампања“, рече Кондарко.

Партиите кои реагираа на неправилности преку приговори сметаа дека се случиле голем број „манипулации и фалсификати“, поради кои им биле ускратени пратенички места.

Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, по констатирањето дека се одбиени приговорите на партиите, рече дека предлагачите сега имаат право на правна заштита пред Управниот суд. По одлуките на Судот, ДИК ќе ги објави официјалните конечни резултати од предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15 јули.

Според резултатите на ДИК од предвремените парламентарни избори 2020, најмногу мандати освои коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ – 46. По неа следува ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата – 44, ДУИ 15, Алијанса за Албанците и Алтернатива – 12, Левица -2  и ДПА -1 .

[Визуелизација] Како ќе изгледа новото македонско Собрание