Дијана Десподов, TechPack: Пандемијата покажа дека дигитализацијата е неопходна за компаниите

За да ја подобрат својата работа и да добијат подобар пристап до пазарот и потрошувачите, проектниот координатор Дијана Десподов заедно со Стартап Македонија неодамна иницираа нова платформа за да им помогнат на малите традиционални бизниси да ја пребродат ковид-пандемијата.

Станува збор за TechPack. На неа локалните стартапи нудат бесплатни алатки и решенија за побрза и полесна дигитализација на традиционалните бизниси.

„Не беше потребна анализа да се увиди потребата од ваква рапидна дигитализација. Очигледно беше уште во првите денови на кризата дека малите компании, кои се столбот на македонската економија, не беа спремни за ваква вонредна состојба на ограничен пристап до пазарот и потрошувачите, синџирот на снабдување, а и вработените“, вели таа.

Според Десподов, тие ги мобилизирале македонските стартапи и ИКТ заедницата да понудат бесплатен пристап до нивните платформи и продукти, но и да споделат знаења и искуства за процесот на дигитализација.

„Понудените зделки вклучуваат алатки како воспоставување на онлајн продавница, онлајн фактурирање, користење на контакт центар, платформа за привлекување на нови потенцијални клиенти, дигитално архивирање и слично“, објаснува таа.

Платформата е јавно достапна веб страница, www.techpack.mk, на која стартапи и ИКТ компании ги објавуваат услугите и алатките, или зделки, кои ги нудат бесплатно за одреден временски период, а традиционалните претпријатија можат да ги преземат зделките кои им се најпотребни за развој на нивниот бизнис.

Потребата се покажала и со тоа што уште во првите 24 часа од активирањето на платформата биле преземени 40 зделки, вели Десподов.

„И приватниот и јавниот сектор се најдоа затечени и неспремни дури и за краткорочна криза, што укажува на недостаток на планирање. Првата лекција што треба да ја научиме е колку е важна подготовката. Треба исто да научиме брзо да се приспособуваме на новонастаната ситуација а не да чекаме да се вратиме во нормала бидејќи нормалата може да не се врати.  На крај, треба да ја прифатиме дигитализацијата како неопходен чекор кон осовременување, подобрување, и развој на компаниите за да можат да бидат поотпорни на криза и да фатат чекор со глобалниот економски тек“, смета таа.

Платформата е изработена како дел од програмата Креатон на Фондот за иновации и технолошки развој. Таа е достапна за сите, вели Десподов, и за претпријатија кои сакаат да усвојат нови процеси и да се модернизираат, но и за стартапи и ИКТ компании кои сакаат да понудат помош и поддршка, како и за индивидуални корисници кои сакаат лично и професионално да се надградат.

Десподов е задоволна што бројот на зделки и партнерски организации расте и се надева дека секој ќе најде нешто од интерес на платформата.

Емилија Петреска