Дигитално издание на „Време на игри и соништа“ од Илинденка Петрушева, дамата на македонската филмска публицистика

Кинотеката на С. Македонија ја збогати својата дигитална издавачка едиција со книгата „Време на игри и соништа“ (аматерскиот филм во Македонија од 1935 до 2011 година) од Илинденка Петрушева.

Петрушева е филмски критичар, историчар на филмот и есеист. Родена 1944 година во Горна Џумаја, Р. Бугарија, таа се школувала во Скопје и Загреб.  Од 1972 година Петрушева е уредник на филмската редакција во Домот на младите во Скопје (денешен Младински културен центар).

Илинденка е една од основачите на Кинотеката на Македонија во 1974 година. Таму работи како советник-филмолог до нејзиното пензионирање, со исклучок на периодот од 1999 до 2001 година, кога е назначена за советник на Министерот за култура за кинематографска и драмска дејност.

Авторка е на книгите „Филмолошка библиографија 1944-1954“ (Кинотека на Македонија, 1991), „Филмографија на македонскиот аматерски филм 1935-2000“ (Киносојуз на Македонија, 2001), „Сонце на дирек – мали приказни за македонските филмски сонувачи“ (Македонска реч, 2005), „Време на игри и соништа – студија за аматерскиот филм во Македонија од 1935 до 2011“ (Кинотека на Македонија, 2011), „Само сонот е стварност“ (Македоника литера, 2017).

Илинденка Петрушева е една од основачите на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола. Член е на македонската секција на филмски критичари и член на ФИПРЕСЦИ (Меѓународна асоцијација на филмските критичари FIPRESCI).

Меѓу наградите и признанијата сигурно посебно место зазема „Златниот објектив“, кој ѝ беше доделен по повод Денот на Кинотеката на Македонија во 2017. Признанието „Златен објектив“ се доделува на поединци кои со своето професионално делување придонеле македонската кинематографија да се создаде, развива, промовира и популаризира.

Во Кинотеката работела на повеќе истражувачки проекти од историјата и теоријата на филмот во Македонија. Учесник е на повеќе научни симпозиуми од областа на филмот и долги години е уредник на „Кинотечен месечник“, а потоа и главен и одговорен уредник на списанието за историја и теорија на филмот „Кинопис“.

Петрушева е и добитник на државната награда „Св. Климент Охридски“ за 2017 година во областа на културата и уметноста.