Дигитална архива за професорот Сидо, изработена од неговите роднини, пријатели и ученици

Вкупно 242 целосно испишани тетратки од различен формат биле пронајдени во домот на Стефан Сидовски-Сидо по неговата смрт. Почитуваниот и омилен професор по философија, доби дигитална архива за неговото животно дело. Таа е резултат на посветеноста на негови роднини, пријатели, соработници и ученици.

Во неа се собрани речиси сите аматерски филмови како и неговиот единствен професионален филм „Образ“. Достапни за читање се и интервјуа и излагања што ги имал, како и туѓи сведошта и спомени за неговиот живот.

„Илјадниците страници споделени овде не можат да служат како замена за присуството на Сидо. Дури и напротив, за многумина кои го знаеја и имаа можност поредовно да разговараат со него, тие веројатно само ќе го направат повпечатливо неговото отсуство. Но, токму тоа е и една од главните причини поради која се одлучивме да ги споделиме: веруваме, искрено и длабоко, дека светот е сè уште подносливо место за живеење само заради тоа што повремено низ него проскитуваат луѓе чие отсуство е ненадоместливо и не признава сурогати. Во основа, оваа архива нема друга претензија освен да биде нежно сведоштво за еден ваков вид на недостиг“, се наведува во дигиталната архива.

За да се заштитат од оштети и кражби, оригиналите од ракописите на Сидо биле преместени од неговиот дом во архивата на Кинотеката на Република Македонија, кое со децении беше негово омилено место.

„Се надеваме дека во иднина ќе можеме да најдеме и посоодветен простор за личната оставина на Сидо; дотогаш ќе мораме да се задоволиме со привремениот физички и овој, заменски и виртуелен“, пишува на веб-страница.

Овој поранешен професор по философија делуваше како ретка и необична личност, но според ракописите кои за првпат се обелоденуваат на оваа платформа, покажуваат уште неколку негови особини.

„Беше верен и непоколеблив приклоник на индивидуалната слобода и сировата искреност. Велеше дека некои грешки ги повторуваме и некои лекции никогаш не ги научуваме само заради тоа што философите одбираат да зборуваат убаво, наместо прецизно. Велеше и дека, ако по некоја случајност дармиските религии се во право и тој постхумно добие понуда одново да се роди на земјава, ќе побара да се врати како апсолутно слободен човек во заедница на апсолутно слободни луѓе. „Ако не постои таква можност,“ полушеговито додаваше, „тогаш ќе ја одбијам понудата: ’Не, благодарам,’ ќе речам, ’во тој случај, нема поента да се минува одново низ истото. Нема никаква поента…’“, се вели на дигиталната архива.

Сидовски почина во својот дом во 2019 година. Тој 36 години беше професор во гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“, а предаваше и како вонреден професор по историја на филм и теорија на филм во ЕСРА.