Дигитализација на режисерскиот опус на Бранко Гапо

Во рамки на проектот „Дигитализација на аудиовизуелно наследство“, тече процесот за дигитализација на режисерскиот опус на доајенот на македонската кинематографија, Бранко Гапо.

Како што соопштуваат од Министерство за култура, дигитализацијата и дигиталната реставрација на играните филмови „Денови на искушение“, „Време без војна“, „Истрел“, „Најдолгиот пат“, „Време, води“ и „Македонска сага“ се одвиваат во Загреб, Хрватска, а стручни соработници на Кинотеката на Македонија веќе отпатуваа во Загреб за да ги допрецизираат процесот и динамиката на работа со лабораторијата АЦДЦ (Центар за аналогна и дигитална конверзија) во која се изведува дигитализацијата.

„Во лабораторијата ќе се изведат ултрасонично чистење, скенирање во 2К, автоматска и рачна реставрација и колор корекција и ќе се изработат дигитална копија за архивирање на ЛТО-лента, како и ДЦП (дигитална копија за прикажување), ХД-верзија и ДВД-копија“, велат од министерството.

denovi-na-iskusenie - branko gapo

Денови на искушение (1965) е првиот долгометражен филм на режисерот Бранко Гапо

 

Процесот на дигитализација трае шест месеци, така што во првата половина од идната година овие шест нови дигитализирани наслови од опусот на филмскиот режисер Бранко Гапо ќе бидат издадени на ДВД.

Во рамките проектот „Дигитализација на аудиовизуелно наследство“, почнувајќи од 2011 година, дигитално беа реставрирани и дигитализирани филмовите на браќата Манаки, опусите на режисерите Столе Попов, Љубиша Георгиевски и Милчо Манчевски, како и филмовите „Татко“ („Колнати сме, Ирина“) на Коле Ангеловски, „Хај-фај“ на Владимир Блажевски и „Жед“ на Димитрие Османли. Односно, вкупно 15 играни филмови, 4 документарни и два краткометражни играни филма, како и колажот од филмови на првите сниматели на Балканот, браќата Манаки.