Средната оценка од екстерните испити на државната матура за учебната 2016/2017 во јунскиот испитен рок е 3,39, соопшти Државниот испитен центар.
Резултатите од испитите денеска се објавуваат и во училиштата, како и електронски на matura.gov.mk.
Просечната оценка ќе биде конечна по рокот за поднесување приговори кој ќе трае од 6 до 10 јули до 15 часот.
Цената на секој приговор е 1.500 денари кои ќе му бидат вратени на подносителот ако приговорот биде основан и прифатен.
Во 2016-та средната оценка беше 3.42, но по процесот на приговори.
За испитите во јунската испитна сесија беа пријавени вкупно 16.426 матуранти. Тие полагаа тестови по три екстерни предмети – мајчин јазик и литература (македонски, албански или турски јазик) за кој просечната оценка е 3.48 . За англиски јазик, кој го полагале 14.535 ученици, е 2.99, а за останатите три странски јазици (француски, германски или руски) кои ги полагале 317 матуранти, постигнатиот успех е 4.04. Средниот успех по математика е 3.43, а испитот го полагале 2020 ученици.
Во однос на третиот екстерен предмет, највисока оценка е постигната по биологија, 4.12, предмет кој го полагале 3.350 матуранти.
Матурантите кои не ја положиле државната матура, можат да полагаат во август, а пријавувањето трае од 11 до 19 јули. Тестирањата ќе бидат организирани на 14-ти, 15-ти, 16-ти и 17 август.