Џихадистите на ИД погубија позната активистка за човекови права во Мосул

Припадниците на екстремистичката групација Исламска држава (ИД/IS/ISIS) во ирачкиот град Мосул јавно ја погубилеадвокатката и активистка за човекови права Самира Салех Ал-Нуаими, јавуваат светските агенции.

Таа е прогласена виновна за отпадништво пред самопрогласениот исламски суд. Ал-Нуаими беше грабната од својот дом на 17 септември, откако наводно на Фејсбук објавила критика за уништувањето на верските објекти во Мосул од страна на припадниците на ИД.

ИД погуби позната активистка за човекови права во Мосул

Мисијата на Обединетите нации во Ирак објави дека на активистката и е судено за отпадништво пред шеријатскиот суд и дека по петдневно мачење, таа била изведена на јавно погубување.  Од ОН велат дека Ал-Нуаими била убиена во понеделникот, а според агенцијата АП, нејзиниот профил на Фејсбук во меѓувреме е избришан.

Како што јавува мисијата на ООН, во последните неколку недели зачестиле напади врз истакнати жени во регионите кои се под контрола на ИД. Според претставникот на ООН во Ирак Николај Младенов, во вторникот била убиена политичарка која се кандидирала за покраинскиот совет во близина на вториот по големина ирачки град Мосул, а истиот ден во градот е грабната уште една нејзина колешка, која се води како исчезната.