Џамбо Агушеви Оркестра со ново шоу настапува во Мексико

Џамбо Агушеви Оркестра, најхаризматичниот македонски дувачки бенд подготвува шоу кое за прв пат ќе биде претставено на главниот плоштад во Мексико Сити во рамки на фестивалот „Festival del Centro Histórico“. Ова е најзначајната културна манифестација во Мексико Сити од 1985 година, која стана една од најатрактивните и инвентивни платформи за уметност во Латинска Америка и нуди одличен баланс помеѓу традицијата и авантгардата претставувајќи ги најдобрите шоуа, артисти и културни експресии во светот.

Македонскиот принц на трубата, Џамбо Агушев настапува во Мексико
Џамбо Агушеви Оркестра ќе настапат на фестивалот на 23 март, споделувајќи ја сцената со големите и престижни имиња како „Triciclo Circus band“, „Bostich“ и други. Групата во моментов работи на нов албум, од кој првите три синглови веќе го пробудија интересот на некои европски издавачки етикети.

Минатата есен беше исклучително успешна за Агушеви Џамбо Оркестра. Бендот соработуваше со славниот италијански пејач Нино Д’Анџело (Nino D’Angelo) за неговата премиера во „Teatro di San Carlo“ во Неапол, лани во октомври. Оркестарот имаше чест да работи и со славниот маестро Роберто Де Симоне (Roberto De Simone) – „светиот монструм“ од италијанскиот свет на класичната музика.

„Сан Карло е најубавиот театар кој го имам видено до сега. Моите пријатели од Италија ми велеа, дека сон на секој италијански музичар е да застане на таа сцена. Театарот има и многу стриктни правила, вклучувајќи ги и оние за аплаузите и однесувањето. Но ние направивме чудо: кога Нино Д’Анџело започна да пее на нашата музика, луѓето почнаа да стануваат и да танцуваат. Тоа не се случило никогаш претходно!“, вели Џамбо

Импресиониран од енергијата на оркестарот и виртуозноста на Џамбо, маестро Де Симоне пак ги покани Џамбо Агушеви Оркестра како главни изведувачи на прославата на УНЕСКО во декември Нола.Понатамошната соработка со Де Симоне е планирана за ексклузивниот и иновативен проект, кој ќе претставува фузија на балканската треска и неаполитанската традиција.

Оркестарот често патува и во Турција каде што е секогаш одлично пречекан од ентузијастичката и верна публика. По успешната турнеја во Австралија, Џамбо ја посети и Америка со бендот „Болеро“.

„И покрај лошото време, С.А.Д. беа одлично искуство за мене. Кога не настапував, ги посетував џез клубовите и ги слушав настапите на моите колеги, а бев и целосно импресиониран од Кен Вандермарк.“

„Мојот приоритет сега е да го завршам албумот. Имав неколку интернационални соработки и планирам повеќе во блиска иднина. Наскоро ќе дознаете повеќе за тоа!“, вели Џамбо.