Девојките сè уште се кријат кога купуваат влошки – родителите и образованието неопходни во отфрлање на стигмата

Во ниту една високо образовна институција нема соодветни тоалети за управување со менструалното здравје, алармира ново истражување на невладината „Новинари за човекови права“.

Од 850 одговори кои ги добиле од испитанички, 790 одговориле дека немаат услови за управување со менструалното здравје, а 810 кажале дека немаат тоалетна хартија во тоалетите, како ни сапун, додека сите се согласиле дека нема соодветно селектирање на отпад во тоалетната кабина. Но, во нив првично нема вода, односно славините не работат, посочуваат од „Новинари за човекови права“.

Тие неодамна покренаа онлајн петиција за намалување на данокот за производи за менструална хигина од 18 на 5 отсто. Досега собраа речиси 3000 потписи, но нивните активности нема да запрат овде, уверува Наташа Доковска. Периодов организираат работилници за изработка на влошки и маски за повеќекратна употреба.

Со ова тие нудат и алтернатива на влошките во продавниците, од причина што се скапи, загадуваат и не се одржливи. Нивна претходна анализа покажала дека во земјата месечно се фрлаат 6 милиони парчиња отпад во вид на влошки и тампони.

 Во 21 век, девојки не одат на училиште затоа што не можат да си купат влошки

За Доковска е поразително што само една партија се одзвала периодов на нивните барања и ги вметнала во нивната предизборна кампања.

„Интересно е што многу граѓани се вклучија, се јавуваат, прашуваат, бараат… Интересот кај граѓаните е многу голем. Кај жените, нормално, особено, но и кај мажите. Нас ни се јавуваа директори на училишта, мажи, кои бараат да држиме предавања во училиштата на оваа тема“, се радува таа.

Но, признава дека менструацијата е нова тема за македонското општество и нејзиното актуелизирање оди тешко.

„Одма реакцијата е ‘па, добро сега, имаме и поважни теми’. Свесноста не ни е на потребното ниво“, забележува Доковска.

„Како мислиме ние да управуваме со женското здравје ако немаме пристап до соодветни тоалети, доколку немаме пристап до производи за справување со менструалното здравје. Треба да се насочиме натаму ако сакаме да имаме здрава нација. Од друга страна, да го вратиме достоинството на жената. Замислете во 21 век, жената да не може да оди на работа, или девојка на училиште, само затоа што не може да си купи влошки“, додава.

Како невладина, лани успеаја да адаптираат неколку училишни тоалети за менструална хигиена.

„Јас постојано велам, адаптирањето на тоалет за менструално здравје ама не бара скоро ништо. Барем да се постави едно лавабо и две кутии за селектирање на отпадот“, додава таа.

Слични приказни стигнале и до македонското движење „Период Скопје“, кое периодов собира искуства од девојки за нивната прва менструација.

„Сите приказни генерално се вртат околу фактот дека најголем проблем во училиштата и факултетите е недостигот на хигиенски средства како тоалетната хартија или сапуни. Нешто што исто така често се среќава е состојбата на тоалетите, дали тоа ќе е дека се во лоша состојба, испокршени или извалкани или се тоалети каде мора да се клекне врз тоалетот и се навистина непрактични при менување на менструален производ. Нормално многу од нив се пожалија и на приватност односно дека тоалетите не се заклучуваат“, истакнуваат од движењето.

Работите се подобруваат, но срамот уште го има

Активистите на „Новинари за човекови права“ и „Период Скопје“ сметаат дека работите одат во нагорна линија, иако бавно. Стигмата и срамот од околината и понатаму се кочница за да се зборува на овие теми.

„Криењето на менструални продукти при купување или при одење до тоалет сѐ уште претставува честа пракса. Иако имам неков напредок сепак сме далеку од дестигматизирањето на менструацијата. Мислиме дека тоа многу лесно може да се заклучи од голем дел од приказните што ги собираме за #прваменструација. Голем дел од нив беа исполнети со приказни за како срамот и стигмата за темата менструација, и како прифаќањето на самиот процес на менструирање им претставувал долгогодишен проблем“, забележуваат од „Период Скоје“.

Според нив, мора да се смени пристапот и начинот на кој се зборува за менструацијата.

„Мора да се смени пристапот во училиштата, односно, ова не е разговор кој е резервиран само за девојчињата и до смртна постела треба да се крие од машките соученици што се зборувало со нас, туку треба да се зборува со сите затоа што е, наједноставно кажано, дел од биологијата. Во намалување на стигмата секако голем дел имаат и родителите, затоа бараме и ги замолуваме и нив, да ги учат своите деца (не само ќерките) дека менструацијата се случува и ќе се случува секогаш и секаде околу нив. Не треба да се срамиме ниту од продуктите, ниту од крвта, ниту од самиот процес“, апелираат од движењето.

Истражувањето на „Новинари за човекови права“ покажува дека ситуацијата не е ништо подобра и во здравствените институции, од каде би требало да доаѓа примерот.

Според одговорите од пациентки во државните здравствени установи, од 672 испитанички, дури 650 одговориле дека пристапот до тоалетите е под секое ниво, додека во ниту еден тоалет нема услови за управување со менструалното здравје.

„Ние баравме менструални чашки да им дадеме на здравствените работнички, бидејќи работат по 16, а некои и по 18 часа. Што прават кога имаат период, така? Не може да се пресоблечат“, вели Доковска. Но, тие биле одбиени на конкурсот од Владата за финансирање на невладини за предлог-идеи за справување со Ковид-19, при тоа добивајќи 0 поени.

„Како да е нешто небитно“, коментира Доковска.

Од септември тие планираат поагресивна акција, со директна посета на факултетите и училиштата.

Од „Период Скопје“, пак, најавуваат дека заедно со Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ прават анализа на инфраструктурата и хигиената во нивните тоалети за да ја увидат сликата на терен.

Емилија Петреска