„Девојките од Скопје“ – прва изложба на фотографии од неколку трансродови девојки од Македонија

Изложба на фотографии „Девојките од Скопје“ на фотографката Лепа Георгиевска ќе се отвори во недела (16 декември), во 20:00 часот во Котур, како прва изложба на фотографии од неколку трансродови девојки од Македонија.

Лепа Георгиевска е портретна и модна фотографка, фасцинирана од брилијантноста на човековата индивидуалност и уметноста на изведувањето. Во последните години Лепа има живеено и работено во Милано, Лондон и Сингапур. „Девојките од Скопје“ е нејзин втор уметнички проект кој вклучува портрети од транс жени, по „Убавиците на Банкок“ со кој се има претставено во Банкок и Милано.

„Не е доволно да бидам прифатена, сакам да бидам сакана. Но, ако светот тоа не знае да ми го даде, ќе си го дадам јас на самата себе.“„Девојките од Скопје“ е серија портрети во форма на блиска и пријателска средба со 6 транс жени од нашето локално опкружување, со кои можеби за прв пат ќе се погледнете директно во очи. А тие, без да го тргнат погледот, мудро и гордо ќе ви се насмевнат, како да се познавате отсекогаш. Фотографиите лебдат некаде помеѓу реалноста и фантазијата, нивна и наша, каде една девојка може да биде задоволна, самодоволна и речиси среќна,“, напиша активистката Калиа Димитрова за изложбата.

Настанот дополнително ќе го обогати и Ивана Драгшиќ со ДиЏеј сет. Изложбата ќе биде отворена до 23 декември.

Изложбата е дел од деновите за борба против насилството врз сексуалните работници што Коалицијата Маргини ги организира во партнерство со STAR – The first Sex Workers collective in the Balkans, и е финансиски е поддржана од Фондација Отворено општество – Македонија.