Девојчињата веруваат дека генијалноста е машка карактеристика, покажува истражување за родови стереотипи

Девојчиња на возраст од само шест години веруваат дека талентираноста и брилијантноста во одредена област се претежно машки карактеристики, според истражување спроведено од Универзитетот на Њујорк.

Истражувањето открива и дека, за разлика од момчињата, девојчињата не веруваат дека добрите оценки во училиште се секогаш поврзани со одредени способности.

Андреј Симпиан, ко-автор на истражувањето, вели дека трудот истакнува како дури и најмладите деца да ги примаат и да бидат под влијание на родовите стереотипи – како мислењето дека генијалноста и талентот се почести кај мажите.

„Бидејќи овие идеи се присутни на толку мала возраст, имаат многу време да им влијаат на образовните траектории на момчињата и девојчињата“, вели тој.

Пишувајќи во весникот Science, истражувачите од три американски универзитети опишуваат како спровеле неколку тестови на 400 деца, од кои половина женски, а половина машки.

Во првата година, група од 96 момчиња и девојчиња на возраст од пет, шест и седум години, слушале приказна за личност со висока интелигенција, а потоа ги прашале кој е полот на таа личност. Потоа им биле покажани неколку фотографии од парови, некои стрејт, некои геј, и ги прашале кои од нив сметаат дека се високоинтелигентни. На крај, децата требало да поврзат одредени луѓе со карактеристики како „паметен/на“, „интелигентен/на“ итн.

Анализирани заедно, резултатите откриваат дека девојчињата од пет години се еднакви со машките на нивната возраст во однос на поврзување на интелигенцијата со сопствениот пол. Сепак, оние на возраст од шест и седум години, резултатите биле поинакви: машките сметале дека припадниците на нивниот пол се „многу, многу паметни“, а девојчињата го селектирале својот пол како брилијантен само 48% пати.

Целта на студијата, меѓу останатото, е и да се види кој род според децата има подобри резултати во образованието. Откритијата се дека девојчињата сметаат дека имаат подобри оценки од машките, но не ги поврзуваат со генијалност.

Кристија Спирс Браун, професорка на психологија на Универзитетот на Кентаки и авторка на книгата Parenting Beyond Pink and Blue (Родителство преку розевото и синото), вели дека резултатите на истражувањето се совпаѓаат со нејзините претходни трудови, кои откриле дека родителите и наставниците сметаат дека добрите резултати во математика се резултат на труд кај девојчињата, а природна способност за момчињата.

„Ова истражување покажува дека девојчињата ги интернализираат тие културолошки пораки во раниот развој, верувајќи дека иако многу ќе се трудат, не се природно паметни“, вели таа. „Овие уверувања може да имаат значајни импликации за тоа каква академска патека децата ќе изберат.