Девојче со повисок коефициент на интелигенција од Ајнштајн се соочува со дискриминација

12-годишното девојче Никол Бар од Есекс, Англија, постигна 162 коефициент на интелигенција на тестот за генијалци, на реномираната интернационална организација Менса. Тоа ја стави на врвот со останатите 120. 000 членови ширум светот кои имаат натпросечна интелигенција.

Нејзиниот резултат ја вброи и меѓу најголемите умови во историјата како Алберт Ајнштајн и Стивен Хокинг, чии коефициенти се околу 160.

Просечниот резултат на овој тест е 100, а секој кој има коефициент на интелигенција повисок од 132 добива признание и членство во организацијата. Според Менса, оние со коефициент меѓу 135 и 158 претставуваат само еден процент од светската популација. Резултатот на Никол, односно 162, досега воопшто не е регистриран на скалилото.

„На почетокот не знаев дека тој е највисокиот просек и бев навистина изненадена“, изјави Бар за англиските медиуми. Нејзиниот сон е да стане истражувач во областа на медицината, бидејќи желба и е да им помага и да ги лекува луѓето.

Меѓутоа, 12-годишното девојче се соочува со дискриминација, бидејќи таа е припадничка на ромската заедница. Дискриминацијата кон Ромите во Англија е широко распространета, а голем број луѓе се дискриминирани во здравството, образованието и во судството.

Таткото на Никол, кој исто така имал одличен резултат на тестот, е чистач на олуци, а првпат почнал да работи на 12-годишна возраст, откако една година претходно го напуштил училиштето. Нејзината мајка, пак, е помошник надзорник во хотел, а во исто време работи во бар и како козметичарка.

И покрај нејзината интелигенција, наставниците се обиделе да ја сместат Никол во наставна програма „еден на еден“, која се фокусирала на многу едноставни работи, што според одредени експерти, предизвикува намалено академско знаење и социјална изолација.

Работите се подобриле откако Никол почна да ја посетува „Брнт Мил“ академијата, големо средно државно училиште каде учениците носат униформи, полагаат високо стандардизирани тестови и не се толерира насилство. Но, нејзината мајка вели дека ја предупредила својата ќерка да не кажува за своето потекло, бидејќи не сакала таа да се соочи со незгодни ситуации.