Девојче кое доби казна за поставен штанд со лимонада добива понуди за работа

5-годишното девојче од Лондон, кое доби казна од 150 фунти поради продавање на лимонада, добила десетина понуди за да постави свој штанд на други настани.

Андре Спајсер, професор во економско училиште, дозволил неговата ќерка да постави штанд за освежување пред Фестивалот Лавбокс во источен Лондон во кој наплаќала по половина фунта од чаша со лимонада. Сепак, редари од локалниот совет го казниле семејството поради недозволена трговија. Советот подоцна се извинил и ја повлекол казната.

Но, Спајсер вели дека неговата ќерка добила повеќе понуди да продава лимонада на саеми и на пазари во Лондон.

„Пресреќни сме од добрите реакции кои ги добиваме од луѓето низ целиот свет. Повеќе фестивали, пазари и бизниси ни понудија можност да поставиме штанд за лимонада. Се надеваме дека понудата ќе биде проширена и на други кои сакаат да постават штанд“, се огласи семејството преку Твитер.

Пазарот Бороу преку социјалната мрежа се обрати до таткото на девојчето: „Најсериозно, дали вашата ќерка би сакала да продава лимонада на Пазарот Бороу? Би биле презадоволни да го овозможиме тоа за неа“.

Спајсер, претходно објаснил дека неговата ќерка се расплакала откако редарите почнале да и читаат од формуларите, со објаснување дека таа нема дозвола за трговија.

„Ќерка ми, која има 5 години, дојде и ме гушна извикувајќи – Тато, тато, направив нешто лошо“, изјавил Спајсер. „Ни беше врачена казна од 150 фунти, се спакувавме и заминавме дома“, додава тој.

Портпаролот на советот изјавил: „Навистина ни е многу жал за тоа што се случило. Очекуваме нашите редари да се однесуваат разумно и да бидат чувствителни во користење на нивните овластувања. Нешто што очигледно не било така во овој случај“.