Деветто издание на театарскиот фестивал „Лица без маски“

Под мотото „Остани стабилен“, од 9 до 12 април, ќе се одржи деветтиот Интернационен театарски фестивал „Лица без маски“, посветен на професионалната независна театарска продукција, која негува алтернативен и експериментален театар. Свеченото отворање е најавено на 9 април, со претставата „Собуј ги чевлите“, на белградскиот театар „Лудум, Лудум“.

Фестивалот го организира независниот ТЕАТАР 007 и Универзалната сала – Скопје.

„И оваа година се обидовме да создадеме програма која ќе кореспондира со мотото на фестивалот `Остани стабилен`. Претставите кои се во натпреварувачката програма, третираат навидум провокативни теми и содржини, притоа истакнувајќи на површина многу суштински прашања кои се важни за денешното живеење во „заболените“ општества на глобално ниво“, истакна Миодраг Костиќ, директор на фестивалот.

Во официјалната натпреварувачка програма се седум претстави меѓу кои „Галаксија“, на театарот „Креирај.Играј.Создавај“ од Романија која ќе биде изведена на 10 април, во 22 часот. Следниот ден, на сцената на МОБ, со почеток од 20 часот е претставата, „19 мај“, на театарот „Онеироу“ од Грција, а во 22 часот истиот ден на истата сцена е и македонската „Госпоѓица Јулија“ на независниот театар „Фабрика“. Последната фестивалска вечер ќе се случи на сцената на Театар Комедија со руската претстава „Рефлексии“, на „32. Физички театар“ со почеток од 20 часoт, додека како последна, од 22 часот, е контроверзната „Ромео и Јулио“ на италијанскиот театар „Болоњикоста“ од Рим.

„Сите претстави од програмата нудат свежина и инвентивност не само како естетиката, туку и на содржинско ниво актуелизираат важни прашања, за денешницата“, потенцираше Игор Ивковиќ, селектор на фестивалот.

Како и претходните години, во Универзалната сала – Скопје ( лани преименувана во Конгресен центар „Александар Македонски“ ), секој ден од 9 до 12 април, со почеток од 11 часот, ќе се одржуваат работилници, предводени од гостинските театри на кои низ пракса ќе се разменуваат искуства. Работилниците ќе бидат отворени и за пошироката публика, со претходна најава кај организаторите.

Идејното решение на визуелниот идентитет на фествиалот „Лица без маски“ е дизајнерката Наташа Шопова.
За наградите пак ќе одлучува тричлено жири од режисерот Синиша Ефтимов и актерките Магдалена Ризова Черних и Ирена Илиевска. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и Град Скопје.