Деветто издание на меѓународната графичка работилница „Софија“

Во наредните десет дена Богданци ќе биде центар на графиката и на уметноста во Македонија. Од утре до трети септември традиционално, по деветти пат, ќе се одржи меѓународната графичка работилница „Софија“, единствена од ваков тип во Македонија и на Балканот.

Деветто издание на меѓународната графичка работилница „Софија“

На годинешната главна сесија ќе учествуваат 14 уметници (графичари) од Македонија и од странство, селектирани од државните ликовни академии во Скопје, Белград, Нови Сад, Загреб, Љубљана, Сараево и Софија. Ментор на работилницата ќе биде Игор Чабраја, редовен професор на Академијата за ликовни уметности во Загреб.

Од Здружението на граѓани „Графичка работилница „Софија“ Богданци“, кое е организатор на работилницата, велат дека нејзината цел е на младите и талентирани автори да им се овозможи размена на искуства и можност за реализација на нивните дела, бидејќи поради условите во кои се работи, графиката како техника е помалку застапена во целиот регион.

Завршната изложба ќе се одржи на трети септември, во галерискиот простор на Печатница „Софија“ во Богданци. Во текот на наредните неколку месеци, традиционално во Музејот на Град Скопје ќе се одржи и триенале, на кое ќе бидат изложени делата создадени од учесниците на графичката работилница во последните три години.

Деветто издание на меѓународната графичка работилница „Софија“

Графичката работилница „Софија“ првпат се одржа во 2008 година. До сега низ неа продефилираа над 140 графичари од целиот регион. Улогата на ментори ја имаа истакнати графичари и универзитетски професори од Македонија, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина.