Деветто издание на „Лица без маски“ од 9 до 12 април

Под мотото „Остани стабилен“, од 9 до 12 април, по деветти пат ќе се одржи Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“, посветен на професионалната независна театарска продукција, која негува алтернативен и експериментален театар, во организација на независниот Театар 007 и Конгресен центар „Александар Македнонски“- Скопје (Универзална сала-Скопје).

Овогодинешната програма изобилува со претстави од најразлични жанрови, тематски провокативни и истите ќе промовираат нови и свежи театарски естетики пред македонската публика.

Во официјалната натпреварувачка програма се седум претстави од Русија, Србија, Италија, Романија, Грција и две претстави од македонската независна продукција, кои ќе се борат за една од трите фестивалски награди и тоа: Гран при, Награда за најдобра режија и Награда за најдобро актерско остварување.

Како и во претходните години, така и оваа, на „Мала сцена“ во Универзална сала-Скопје, секој ден од 9 до 12 април, ќе се одржуваат работилници, предводени од гостинските театри на кои низ пракса ќе се разменуваат искуства. Работилниците ќе бидат отворени и за пошироката публика, со претходна најава кај организацијата на фестивалот.