Деветто издание на „Д Фестивал“ од 12 до 14 јули

Датумот за новиот „Д Фестивал“ е закажан. Ќе се случува од 12 до 14 јули, на добро познатата локација – Дојран. „Д Фестивал“ е единствениот летен „open-air“ музички фестивал во Македонија, кој годинава ќе се одржи по деветти пат.

Основан е во 2011 година и израснат од идејата за уникатен „open-air “настан, кој ќе и понуди на публиката алтернатива за задоволување на потребата за летен фестивал на автентичното и Дојранското крајбрежје. Ова е млад фестивал кој, благодарение на илјадниците фанови и најдобрите артисити од локалната, регионалната и светската музичка сцена, секоја година се одржува во одлична атмосфера константно доведувана до еуфорија и претставува единствено искуство исполнето со позитивна енергија.

„Д Фестивал“ продолжува како традиција, но секоја година со уште поголеми очекувања, со сигурност зацврстувајќи се како симбол за незаборавно концертно доживување и традиционална дестинација за сите фанови на автентичниот дух на летните музички фестивали. Секоја година Д Фестивал е дестинацијата за забава на повеќе од 8.000 посетители кои ги уживаат впечатливите концертни перформанси на музички артисти како Manu Chao La Ventura, Stereo MC’s, Wilkinson, Sonique, Кирил Џајковски, Дубиоза Колектив, Bernays Propaganda, Љубојна, Фолтин, String Forces, Суперхикс, АРЕА, С.А.Р.С., Baildsa, Зијан и многу многу други.