Деветгодишно трансродово девојче на насловната на новиот број на National Geographic

National Geographic прави историски чекор кон видливоста на транс лицата во своето ново издание, насловено „Родова револуција“ (Gender Revolution). Магазинот, кој има повеќе од девет милиони читатели, го прикажува 9-годишното трансродово девојче Ејвери Џексон, на насловната страница на јануарскиот број.

Ејвери им рекла на своите родители дека се идентификува како девојче кога имала само три години, а кога наполнила седум, се обратила на јавноста преку видео што точно значи да се биде млада транс личност.

Сега, токму таа е лицето на специјалното издание „Родова револуција“, придружено од документарец снимен во соработка со Кејти Курик, за телевизискиот канал National Geographic.

На насловната може да се види и цитат на Ејвери: „Најдобрата работа за тоа што сум девојче, е што веќе не мора да се преправам дека сум момче“.

Сузан Голдберг, уредник на National Geographic Partners и одговорен уредник на магазинот, вели: „National Geographic е речиси 130 години стар, а сме покривале култури, општества и социјални проблеми сиве овие години. Ни текна дека родот е во центарот на толку многу проблеми во вестите денес.

Сакавме да видиме како традиционалните родови улоги се искажуваат низ светот, но и да го погледнеме полот како спектар. Многу се пишува за познатите, но нема никакво разбирање за реалните луѓе и проблемите со кои се соочуваат секој ден во училниците и канцелариите, кога се работи за нивниот пол“.