Девет починати, 176 новозаразени и 80 оздравени пациенти од Ковид-19 во изминатите 24 часа

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека од Ковид-19 починале девет лица, односно, седум пациенти од Скопје и по еден пациент од Тетово и Струга. Во болницата „8-ми Септември“ починале седум лица од Скопје, двајца на возраст од 62 години, а останатите на возраст од 56, 59, 74, 88 и 73 години.

„Во КБ Тетово е починат еден пациент на возраст од 79 години. Во денешната статистика е евидентиран и пациент од Струга починат во „Филип Втори“ (Жан Митрев) на возраст од 84 години“, стои во соопштението на МЗ.

Од МЗ информираат дека во последните 24 часа се потврдени 176 нови случаи на Ковид-19, односно, регистриран е 61 случај во Скопје, 22 во Тетово, 19 во Струга, 14 во Штип и Охрид, осум во Куманово, седум во Гостивар, шест во Кичево, по пет во Прилеп, Велес и Ресен, три во Битола, два во Кочани, и по еден случај во Дебар, Струмица, Пробиштип, Демир Хисар и Пехчево. Во изминатото деноноќие се направени 870 теста.

Институтот за јавно здравје регистрирал 80 оздравени пациенти, односно, 30 од Тетово, 18 од Штип, осум од Гостивар и Кочани, пет од Скопје, по два од Ресен, Валандово и Битола и по еден од Куманово, Гевгелија, Струмица, Берово и Кичево.

„Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 6080, бројката на оздравени пациенти е 2315, на починати е 286, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3479. Од вчерашните тестирања два се контролни“, информираат од МЗ.

На Инфективната клиника во Скопје во изминатите 24 часа примени се четворица пациенти, а се хоспитализирани вкупно 98 пациенти. Од нив, на кислородна поддршка се 45 пациенти, а нема пациенти на механичка вентилација.

„Во болницата во Козле 19 возрасни позитивни пациенти. Во ГОБ „8 Септември“ примени се 8 нови, вкупно хоспитализирани се 129 пациенти. На респираторна машина се 9 пациенти“, стои во соопштението на МЗ.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 39, а во болницата во Штип се хоспитализирани 28 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 80 пациенти, позитивни и сомнителни на Ковид-19.

Досега во земјава се направени вкупно 58.765 тестирања на Ковид-19.