Детскиот културен центар „Карпош“ доби едукативен центар за природни науки

3Д модели од анатомија, микроскопи, анатомски модели од човековото тело, модели на ДНК, целосен хемиски лабораториски сет и апарат за дестилација, се дел од опремата на новиот едукативен центар за природни науки кој денеска се отвори во ДКЦ „Карпош“. Центарот ќе може да го користат деца и млади од 5 до 17 години за надградување на своите вештини и знаења од областа на природните науки.

Опремата за центарот е донација од фармацевтската компанија Варус.

Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, истакнува дека дека благодарение на донацијата децата ќе можат надвор од своите редовни школски активности да ги развиваат своите афинитети кон природните науки во најсовремени услови.

„Ќе ги повикам и другите општествено одговорни компании во нашиот град да инвестираат во знаењето на децата, на оние што ќе треба да бидат носители во нашето општество. Благодарност и до вработените во ДКЦ кои несебично се вложуваат со натчовечки напори во овие тешки услови во кои живееме активностите на децата да не запрат“, дополнува Шилегов.

Директорката на ДКЦ, Билјана Лалчевска Серафимовска, нагласува дека компанијата истовремено и хортикултурно го уредила и надворешниот простор пред ДКЦ со мала ботаничка градина.