Детскиот фестивал „Фенер“ преку онлајн кампања собира средства за реализација на новото издание

„Фенер“ е меѓународен фестивал за детски театар, кој во продукција на Буден Театар досега реализираше три успешни изданија. Но, годинава организаторите бараат помош од граѓаните, кои со донирање преку онлајн кампања би учествувале во неговата реализација. Со ова како што велат, сакаат да ги поттикнат луѓето да изградат принцип на лична одговорност во создавањето на нештата кои би сакале да ги има.

„Ние сакаме ФЕНЕР да биде дел од детството на нашите деца, а веруваме многумина ја споделуваат оваа желба со нас. Предизвикот е да поттикнеме свесност дека секој индивидуално според своите можности може да придонесе кон нејзината реализација“, стои во описот на онлајн кампањата објавена на платформата „letsfundit.mk“.

Организаторите нагласуваат дека на светско ниво, театарот за детска публика е во постојан подем што резултира со иновации, па поради тоа решиле со одржување на овој фестивал и Македонија да се вклучи во новите светски трендови.

„Фенер e пред се фестивал кој во центарот на вниманието ги поставува децата, но е насочен и театарските професионалци кои создаваат за детска публика. Не ја прифаќаме излитената девиза „децата се најдобра публика“, и се обидуваме ги развиваме своите капацитети за да на децата им го нудиме најдобриот театар. Фенер претставува исчекор напред во културната понуда наменета за детската публика, нудејќи иновативна и внимателно селектирана програма која ги таргетира различните возрастови категории, како и активности кои ја развиваат детската креативност, го провоцираат детското љубопитство и стимулираат кон нови откритија“, велат организаторите.

Програмата на Фенер е конципирана во три сегменти: – ревијален дел, кој вклучува презентација на селектираните претстави – креативни работилници, наменети за развивање на имагинативноста и стекнување на нови вештини кај децата – едукациски дел, наменет за театарски професионалци.

Целта на кампањата е да се соберат 147 000 денари, а краен рок за вложување во онлајн кампањата е 28 мај. За оние што ќе решат да донираат поголем износ на средства следуваат и награди.