Детската емисија Петко се пробива на европскиот пазар

Македонската детската емисија „5+ Фамилија“ со популарниот лик Петко се пробива на европскиот пазар добивајќи своја словенечка верзија, која ќе се емитува на тамошната национална телевизија.

Изминатиов период, екипа словенечки актери, драматурзи и режисери заедно со македонската екипа на „5+“, во Скопје работеа на снимање на епизодите, во кои покрај Петко, се појавуваат и неговите нови пријатели, Бети и Цеј, популарни детски ликови од Словенија, соопштија од продукцијата на детската емисија од каде потсетуваат дека ова е прва телевизиска франшиза од Македонија која се пробива на европскиот медиумски пазар.

Креативен директор на серијата е Пеце Талески, режисери се Тадеј Чатер, Игор Иванов и Елеонора Венинова. Продуцент е Илија Тирицовски, директор на фотографија – Наум Доксевски, сценографијата е на Снежана Поњавиќ Муча, костимографијата на Андреј Ѓорѓиевски, додека за монтажата е задолжен Шенол Мехмед.