Детска сликовница „Иван и Илина“ за надминување на стереотипите кон децата со попреченост

Детската едукативна сликовница „Иван и Илина“ ќе биде проморана утре (петок 30 ноември) во 10 часот во инклузивното  ООУ „Јан Амос Коменски“ во Скопје.

Авторка на „Иван и Илина“ е новинарката Мимоза Петревска Георгиева, а нејзината ќерка Илина, деветоодделенка во училиштето, е главната протагонистка во приказната. Илустратор на сликовнцата е академската сликарка Маја Стефановска.

Според авторката, ова е приказна за едно поинакво пријатлетство која ги отсликува
запрашаноста, дилемите и стравовите со кои се соочува едно типишно дете кога првпат ќе сретне дете со Даунов синдром.

„Точноста и прилагоденоста на одговорите што ги добива од возрасните, е клучен фактор во процесот на градењето позитивен став кон  поинаквите врсници. Со оглед на тоа што литература од овој тип речиси и да не постои кај нас, се надвеам дека оваа книшка ќе биде и некаква едукативна алатка која ќе им помогне и на наставниците полесно да разговаат со учениците на оваа тема. Сликовницата веќе беше промовирана  во Прилеп, Штип и Тетово а  ќе се промовира и во инклузовното училиште’„Сандо Масев’ во Струмица. Така таа ќе му биде на дофат на секое дете кое трага по одговори“, вели авторката Петревска Георгиева.

Илина со сликовницата

Сликовницата е наменета за типичните деца на возраст од 7-12 години, бидејќи истражувањата покажуваат дека токму на оваа возраст децата ги градат негативните стереотипи за луѓето со каква било различност.

На крајот од сликовницата се поместени корисни совети напишани на приемчив јазик за децата на оваа возраст, за тоа кои се спецификите на нивните врсници со Даунов синдром, како и корисни препораки како да се однесуваат со нив.

Според авторката, пораката за пријателството меѓу Иван и Илина укажува на тоа дека со негувањето на довербата и отвореноста, како и со правилен воспитен и едукативен пристап може успешно да се надмине формирањето на негативни стереотипи кон децата со попреченост и да се гради една вистински инклузивна заедница. Во тој процес клучната улога ја играат родителите на типичните деца, како и наставниците, дефектолозите, психолозите, педагозите во училиштето.

Инаку, промотор и модератор на разговорот со учениците ќе биде психологот Јорданка Черепналкова Трајковска.

Сликовницата, чие печатено издание излезе со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија, во едиција на здружението „Сината птица“, е приказна од нашето секојдневје, која отсликува неколку реални ситуации кога едно типично дете ќе се сретне со дете со Даунов синдром.