Денеска во соработка со Центарот за култура „Ацо Караманов“ во Радовиш се одржува работилница за изработка за концепт за видео игра за основци на тема „Екологија“. Децата треба да смислат концепт и да го изработат за време на работилницата во насока на заштита на животната средина.
Работилницата ја води Петар Котевски – ветеран за развој на видео игри, со долгогодишно искуство од над 15 години во развој на игри. Работел во светски познати студија, како што се Crytek, Microsoft и Bungie. Работел како програмер, дизајнер и креативен директор на игри како Far Cry (PC), 50Cent: Bulletproof (XBOX/PS2), Halo 3 (XBOX360), Halo 3: ODST (XBOX360), Halo Reach (XBOX360), Destiny (PS4/XBOXONE и конечно на авантуристичката игра Sonder (PC). Тој е основач и developer на KAMAi Media, првото студио за development на видео игри ААА во Македонија и во регионот.
„Екологијата е тема која е актуелна и етичкиот однос кон животната средина е клучен за развој на едно општество, култура и економија, а истовремено младите се учат и како да ги користат новите технологии на креативен начин“, велат од Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии УМПАКИ, кои ја организираат работилницата како дел од проектот „Видео игротека“, поддржан од Министерството за култура.
Цел на проектот е да се промовира етички однос кон природата и ќе го потенцира овој проблем како многу битен и клучен за развој нa здраво општество и земја. Видео игрите кои се дел од активностите од проектот треба да послужат како алатки за подигање на општествената свест кај младите. Идејата е и младите да се запознааат со креативните можности кои ги нуди еден од најбрзо растечките нови медиуми, а тоа се видео игрите.