Детска работилница за пермакултурен дизајн „Иградина“ во МКЦ

Во Детскиот креативен центар при МКЦ на 15 септември (сабота) од 12 часот ќе се одржи детска работилница за пермакултурен дизајн „Иградина“.

Работилницата е за изработка на компост во домашни услови, стимулативна игра и илустративен цртеж, со прашања и примери наменети за деца на возраст од 5 до 12 години. Препорачаната возраст е 5+.

Ментори на работилницата ќе бидат Димитар Самарџиев, пермакултурен дизајнер и Доротеј Нешовски, интердисциплинарен уметник.

„Иградината се протега од играта во градината до неизвесноста на животот, таму се развиваат растенија, животни, луѓе, замисли, знаења, вештини, уметности… Иградината е човекосистем што се вкоренува и расте на малку повеќе од 6.300 м2, над селото Негорци, покрај Серменинска Река. Иградината е снаоѓалиште за просторители, семенува од зборовите шуми, а рамнотежнее кон виножитните полиња. Иградината е отворена за разновидувања – затолкувања низ слоевите на Хумус сапиенс што се таложат врз почвата. Дизајн-и-рај во Иградината!“, стои во најавата за работилницата.

Работилницата е подржана од Министерство за култураи е дел од програмата „Интерактивни разговори“. Програмата значи серија на детски работилници, мултидисциплинарен проект кои експериментира со повеќе медиуми и содржини, вклучувајќи социјални дизајнери, ликовни уметници, музиколози, 3Д аниматори-моделатори, архитекти, фотографи и пермакултурен дизајнер за реализација на дадените концепции.

Програмата е наменета за детски едукации во повеќе дисциплини и предвидена е да трае во повеќе фази, со намера да комуницира и создава разговори во креативниот процес.