Децата-питачи во Тетово се изложени на насилство

Фото: Нова Македонија

Децата кои по цел ден питачат во центарот на Тетово се жалат дека наместо по некоја паричка, честопати добиваат ќотек. Цел ден се на нозе, а само во најтоплиот период од денот се кријат под сенката кај Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“. Како што велат, група младинци, кои седат на блиските клупи ги бркаат и ги тепаат.

„Отсабајле сме тука. Седиме, ако ни дадат пари, добро, ако не ништо, а некогаш и не тепаат тие што седат во парков. Некогаш порано, некогаш подоцна одиме дома. А кога е топло се криеме тука, зад дрвјата“, откриваат дел од децата.

Некои од нив не знаат дури ни кои им се вистинските родители, но сепак знаат кој се грижи за нив. Тие, сепак избегнуваат да дадат одговор на прашањата каде живеат, дали самите сакаат да питачат или некој ги присилува на тоа, дали сами ги трошат парите или некој им ги зема…

Зборуваат на македонски, ромски, турски и албански јазик. Околу 80% од нив се Роми, но може да се пронајдат и Македонци, и Албанци.

Оваа стара слика стана почеста во Тетово и останатите градови во државава, каде според Министерството за труд и социјална политика, на улица има околу 500, додека според невладините организации неофицијално 2.000 деца се на улица, а околу 18 илјади од нив се исклучени од воспитно-образовниот процес, што е загарантирано право со Уставот.

Ги носат организирано во Тетово

Тешко се доаѓа до одговорот за тоа како всушност децата-питачи доаѓаат до центарот на градот. Дали ги носат родителите, дали самите доаѓаат? Сепак добивме некакви одговори на поставените прашања. Едни велат дека родителите присилно ги тераат да питачат, а другите, за кои се грижат „маалските поглавари“ велат дека организирано ги носат, собираат пари, а подоцна ги даваат и на „надлежниот“.

„Собираме пари цел ден, потоа ги делиме со семејството. Но некои од нас и организирано доаѓаат, можеби работаат на дневница“, вели едно од децата.

Некои од нив велат дека немаат ни скршена пара, но за некои е организирано и да глумат дека се болни, па дури и дека се инвалиди. Некои дури велат и дека не се од тука, но ги носат од другите градови за да питачат.

Според Првата детска амбасада „Меѓаши“, состојбата со децата-питачи ескалира –  наместо да се намали нивниот број, тој се зголемува. Овие деца се најчести жртви на економска, комерцијална експлоатација, имаме злоупотреба на најлошите форми, како што е детска проституција, трговија со органи, секс туризам, на подведување за остварување профит и продажба на наркотични средства. Дневните центри сега се делумно решение, децата по 16 часот повторно се на улица и во употреба и злоупотреба на родителите“, велат од „Меѓаши“.

Извор: Bulevar.info