Дете „летна“ сосе лулашка во Карпош, одговорните се препукуваат

Само неколку дена откако градоначалниците на Карпош и Скопје, Стевчо Јакимовски и Коце Трајановски се фотографираа и официјално го отворија детскиот парк спроти Студентскиот дом „Гоце Делчев“, на истата локација се сруши лулашка. Инцидентот се случил во саботата вечер, а заедно со конструкцијата на реквизитот во Козле „летнало“ и 6-годишно девојче.

Детето помина без повреди, но овој случај изминативе два денови создаде вулкан од незадоволство, чија лава се прелеа по социјалните мрежи.

Се појавуваат различни контрадикторни реакции. И од правни субјекти, и од граѓани. Дел сметаат дека културата на нивните сограѓаните не е на задоволително ниво, новите лулашки долж „М.Т. Гоголанов“ воопшто не знаат да ги чуваат, а истовремено голем број карпошани се загрижени за стандардизацијата и безбедноста на реквизитите.

„За кој квалитет на опрема и изведба Општина Карпош ги троши парите на своите граѓани?“, прашува граѓанин кој меѓу првите информираше за случајот.

Фотографија од локацијата, постирана од локален граѓанин на Фејсбук

Фирма за урбана опрема која на Фејсбук е запишана како „Детски игралишта“, по инцидентот потврди дека се подизведувачи на дел од опремата во паркот. Но, истовремено, тврдат и дека веднаш по поставувањето на реквизитите, на истата локација од друга фирма биле додадени 2 дополнителни лулашки, од кои едната сега се сруши.

Уверуваат дека во тендерот и планот не постоеле овие две спорни лулашки, а за разлика од тоа нивните држачи и синџири се од челик кој не ‘рѓосува, увезени од ЕУ, од фирми специјализирани само за оваа дејност.

„На истата локација од друг субјект, односно од фирмата ‘Лапласт М’ од Скопје беа додадени еден реквизит со мрежаста лулашка и еден реквизит со пластични седишта. И двата посочени реквизити се без сертификат за безбедност на деца и се од далеку полош квалитет од поставените од нас реквизити, иако со имитирање и копирање на нашите модели изведуваќот ‘Лапласт М’ се трудел да ‘личат’ на нашите. Иако уште при поставувањето на овие два квази реквизити укажавме на Општина Карпош дека треба да се отстранат бидејќи се нефункционални и небезбедни, истите не беа отстранети! Поради тоа во целост оградуваме од била каква поврзаност за случката кога еден од овие реквизити целосно се преврте“, соопштија од „Детски игралишта“.

Воедно, заради избегнување на повреди на децата корисници, ги замолуваат граѓаните на Карпош да потпишат петиција за отстранување на овие два „реквизити“. Со објавата презентираат и фотографии:

    

На ваквите обвинувања веднаш преку Фејсбук реагираше и Мики Илиевски од „Лапласт М“. Тој во име на оваа фирма ја демантира објавата на „Детски игралишта“, тврдејќи дека нивната компанија нема никаква врска со случајот, но и дека тендерирала безуспешно.

„Воедно сакаме јавно да прашаме дали  игралиштето е направено според соодветниот проект или е далеку поразличен во однос на изгледот, функцијата, темата и квалитетот на материјалите што се поставени на игралиштето, а согласно тендерските услови? Сакаме јавно да прашаме зашто одеднаш откако беше направен т.н. Брод (во паркот/плоштадот Пецо Божиновски Кочо’ н.з.) преку ноќ ја сменивте облогата на дрвото, и кога ќе го замените целокупниот материјал на се што е чамово дрво, со егзотично дрво согласно условите на тендерот?“, велат од „Лапласт М“.

Според оваа компанија, јавноста нема да биде измамена. Односно најавуваат целокупниот предмет, слики и проекти, како и квалитетот на материјалите и димензиите „ќе биде под лупа на ревизорска куќа која ќе установи на кој начин се градел т.н. брод“.

„Затоа сакаме, фирмата ‘Коцептпротрејд’ или ‘Детски игралишта’, јавно да ни се извини затоа што станува збор за клевета, во спротивно ќе мора работите да се решат на суд, а воедно, од причина што толку се сигурни дека ние сме ги поставиле реквизитите, јавно објавете налог за поставување, договор или фактура да види јавноста дали сме ние тие што монтира луласки. Во секој слуцај нашата компанија жали за немилиот настан, но како фирма која се занимава со слична дејност и има искуство во работењето, посочуваме дека треба повеќе да се грижиме за урбаната опрема затоа што по тоа се гледа и културата на еден народ“, соопштува оваа фирма.

Општинско-партиски препукувања по немилиот настан во паркот

За СДСМ директна одговорност за инцидентот имаат Општина Карпош и градоначалникот. И од оваа партија тврдат дека реквизитите во детскиот парк се поставени од друг субјект, не од изведувачот, и тоа со полош квалитет од останатите содржини.

„За жал, ваквото однесување на локалната власт е уште една потврда дека Јакимовски е подготвен да ја жртвува безбедноста на граѓаните, вклучително и на најмладите, само за да го оствари својот бизнис интерес“, рекоа од СДСМ.

Според партијата „безобразието на Јакимовски и општината оди дотаму што наместо да преземат одговорност, тие тврдат дека некој намерно ги оштетувал реквизитите за да се случи некаков инцидент“.

Во реакцијата на Карпош, пак, стои дека „СДСМ  навечер праќа свои активисти да го уништуваат паркот, за потоа  преку ден да држат прес конференци“. И општинарите испратија фотографии:

  

„Убавите паркови,  фасадите, покривите на зградите и индивидуланите куќи, реновираните лифтови, новите училишта, стипендиите и наградите на учениците, асфалтирањето на улиците не можат да бидат предмет на фарбање  од страна  на ‘Шарената револуција’. Тие сега имаат нова стратегија: уништување  на лулашки, клупи, клацкалки и други детски реквизити. Граѓаните на Општина  Карпош се среќни што фекалната и атмосферската канализација е длабоко во  земја, инаку  активистите на СДСМ  би се претвориле во стаорци, за да тоа што е добро направено за граѓаните на Општина Карпош да го  уништат. Прашуваме зошто со  нож ги сечевте јажињата на лулашките?“, соопштува Карпош.

 

Бојан Шашевски