Десетто издание на Танц Фест Скопје

Нови содржини, богата програма и многу значајни гости од странство ќе го одбележат годинешниот и јубилеен десетти Танц Фест Скопје 2014. Иако големото отворање е закажано за 12 април во Македонскиот народен театар, претпрограмата започнува утре и ќе трае до 9 април во џепното кино на Младинскиот културен центар каде се најавени проекции на најновите танц филмови.

Танц Фест Скопје

Како што информираат од Интер-арт, организаторите на Танц Фест, на 7 и 8 април во МКЦ ќе бидат прикажани филмовите „Пад“, „Хипер-бегство“, „Мемориска трака“, „Дијамантски танчери“, „Еволуција на видовите“, „Отсликување“, „Хипнагогија-преодна состојба“ и „Еден погрешен потег“. За претпрограмата на 9 април пак се предвидени проекции на „Човек без кауза“, „Егон“, „Берба“, „Што се одвива“, „Над земја“, „Потони или пливај“ и „Јас сум единствениот“.

“Point Taken” е крос-дисциплинарен танцов филмски проект, инициран од страна на холандските медиумски фондови и Холандскиот фонд на изведувачки уметности, во соработка со холандскиот радиодифузер НТР и Синеданс, продуцирано од KeyFilm.

Десеттиот Танц Фест Скопје кој се одржува под мотото „Вкусот на танцот“ ќе трае до 29 април. Меѓу содржините ќе бидат гостувања на Националниот балет од Марсеј, Ротердамската танцова академија, танц-настапи на неколку компании од регионот, танцови филмови во соработка со фестивал од Амстердам и три премиери на кои ќе бидат промовирани млади кореографи. Новина ќе биде организирањето на првиот интернационален натпревар по танц кој ќе биде со меѓународно жири.