Десетто издание на Меѓународната графичка работилница „Софија“ во Богданци

Во наредните десет дена Богданци по десетти јубилеен пат ќе биде центар на графиката и на уметноста во Македонија. Од 23-ти август до 3-ти септември ќе се одржи Меѓународната графичка работилница „Софија“, единствена од ваков тип во Македонија и на Балканот.

„Навистина сме горди што десет години по ред ја организираме графичката работилница, чија основна цел е на младите и талентирани автори да им се овозможи размена на искуства и можност за создавање графички дела во сите техники. Ова е особено важно, со оглед на тоа што графиката како техника, заради условите во кои се работи, е помалку застапена, не само во Македонија туку во целиот регион. Се надеваме дека на овој начин барем малку придонесуваме за промоција на уметноста и културата во нашата земја“, велат од Здружението на граѓани „Графичка работилница „Софија“ Богданци“, организатори на работилницата.

На годинешната главна сесија ќе учествуваат 15 уметници (графичари) од Македонија и од странство, селектирани од државните ликовни академии во Скопје, Нови Сад, Ниш, Загреб, Сараево, Софија, а за првпат оваа година ќе има двајца учесници од академијата во Варшава, Полска. Ментор на работилницата ќе биде Тони Васиќ, универзитетски професор и истакнат графичар од Македонија.

Завршната изложба ќе се одржи на втори септември во галерискиот простор на Печатница „Софија“ во Богданци. Во нарединиот период се планирани повеќе изложби во градови низ Македонија и регионот.

Графичката работилница „Софија“ првпат се одржа во 2008 година. До сега низ неа продефилираа околу 160 графичари од целиот регион. Улогата на ментори ја имаа истакнати графичари и универзитетски професори од Македонија, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина.