Десетто издание на „100 илјади поети за промена“ во Струмица

Јубилејното десетто издание на меѓународната манифестација „100 Илјади поети за промена“ ќе се одржи утре во Струмица.

Манифестација се реализира во соработка на глобалното движење „100 илјади поети за промена“ и здружението „Контекст – Струмица“, кои најавуваат дека Струмица повторно ќе биде домаќин на сите поети кои преку отворените повици изразија интерес да бидат дел од оваа поетска мисија.

„По претходно распишаните конкурси за поезија и плакат, за ова јубилејно 10-то издание програмата ќе се реализира на две локации. Во ‘Бабилон кафе’ со почеток во 20 часот ќе биде отворен фестивалот со промоција на зборникот во кој се застапени 60 поети, дел од повеќе од 200 авторите кои се пријавија на конкурсот, а годинава на поетското претставување ќе учествуваат само поети од Македонија, меѓу кои Љулзим Хазири, Ива Дамјановски, Зоран Анчевски, Никола Маџиров, Сузана Мицева, Андреј Ал-Асади, Исток Улчар, Вања Изова Велева и многу други, со музичка поддршка на Панче Илиев (Pi)“, соопштуваат од „Контекст – Струмица“.

Во вториот дел од програмата кој е предвиден да започне во 22 часот во кафе бар „Нагоре“ ќе биде отворена изложбата на плакати, односно дизајнерските решенија кои пристигнаа на конкурсот, а учесниците и гостите ќе ја имаат уникатната можност да го проследат музичко-визуелниот перформанс на колективот Improof.

Настанот е дел од меѓународната манифестација „100 Thousand Poets for Change“ која годинава се оддржува во повеќе од 15 држави во светот, со десетици закажани виртуелни и офлајн настани, а нашата држава и Струмица се дел од движењето уште од самиот почеток.

„За време на фестивалот ќе бидат запазени сите протоколи за заштита од Ковид-19 според мерките на СЗО и Министерство за здравство“, соопштува „Контекст – Струмица“.