Десеттина повредени на масовните демонстрации во Либан поради сиромаштијата

Либанската армија се распореди во градот Триполи околу главните државни институции по ноќните протести и нереди поради влошените услови за живот, во кои беа повредени неколку демонстранти и 10 војници, пренесува „Н1“.

Демонстрантите претходната ноќ нападнаа неколку државни институции во градот, а државната новинска агенција посочи дека во Триполи и во другите градови денеска е мирно.

Вчера во целата држава беа одржани протести како резултат на влошување на економската криза. Светската банка ја опиша кризата како една од најлошите во светот во последните 150 години. Тоа е последица и на политичкиот застој поради кој Либан нема влада од август минатата година.

Најголеми протести имаше во јужниот пристанишен град Сидон и во Триполи, вториот по големина и најсиромашен либански град. Спорадични протести и блокади на патишта имаше и во главниот град Бејрут.

Либан страда од голем недостиг на основни производи, вклучувајќи гориво, лекови и медицински производи.

Либанската валута вчера достигна рекордно ниска вредност, односно 18.000 фунти за еден американски долар. Фунтата изгуби повеќе од 90% од својата вредност за време на кризата.