Десеттина од светската дивина исчезнала последниве 25 години

Дивината во светот е намалена за една десеттина од 1990-та година до денес, покажуваат истражувањата.

Нови мапи прикажуваат „алармантни загуби“ на недопрените природни пејзажи, особено во Јужна Америка и Африка, соопштуваат научниците од Светското конзервациско друштво.

Тие, во научното списание Current Biology, тврдат дека дивите локации се игнорирани во меѓународните договори за конзервација и покрај нивната еколошка и културна вредност.

Околу 20 проценти од светската копнена површина е класифицирана како дивнина. Под дивина научниците подразбираат пејзажи кои не се под голем човечки притисок – како домување, развој и индустрија. Мнозинството вакви недопрени места се најдени во Северна Америка, северна Азија, северна Африка и Австралија.

Тие често се дом на домородно население, како и на загрозени видови растенија и животни.

Џејмс Вотсон од Универзитетот во Квинсленд, Австралија и од американското Друштво за конзервација на дивината вели дека дивите површини се целосно игнорирани во политиките за животната околина.

„Меѓународните политички механизми мораат да признаат дека се потребни акции за да се одржи дивината, пред да биде доцна. Веројатно ни остануваат една до две децении за да ги промениме работите“, потенцира тој за ББЦ.

Овие податоци се засновани на сегашната мапа од површините кои се сметаат за дивина низ светот споредени со иста таква мапа изработена во раните 1990-ти години.

Мапата покажува дека за тоа време проценети 3,3 милиони квадратни километри (скоро 10%) од дивата површина исчезнала.

Figure1_final_v2

Мапа на која со црвена боја се обележани дивите места кои исчезнале последниве 25 години

Тос Ван Нордвијк, директорката од европскиот Earthwatch научен институт, смета дека истражувањето покажува многу загрижувачки тренд кој не засега сите.

„Во Европа, го загубивме поголемиот дел од дивината многу порано од 1990-тите. “, вели таа.

Додава дека сите делат одговорност за главната причина за оваа загуба – неодржливото користење на земјата, особено за земјоделство. Сепак, според неа, добрите вести се дека денеска има повеќе можности за акција од било кое време во минатото, вклучувајќи го и растечкото поле на вклученоста на јавноста во научните истражувања.