Десетти ден антивладин камп – маратонците ќе трчаат протестен полумаратон

Протестен полумаратон, хуманитарен базар, разговори под шатори, се дел од активностите предвидени на денешната програмата во антивладиниот камп поставен пред Влада.

Неколку стотина граѓани веќе десет дена кампуваат пред владиниот објект. Тие одлучно велат дека ќе останат се до заминувањето на премиерот Никола Груевски од неговата функција и додека целата Влада не поднесе оставка.

Според програмата, од 16 часот присутните ќе можат да го посетат хуманитарниот базар од каде можат да купат производи и со тоа да донираат.

Во 17 часот следуваат разговори под шаторот на тема „Социјално претприемништво – можност за вработување на тешко вработливи лица” со Ана Филиповска, која ќе зборува за специјализација во социјална економија, претприемачот Сократ Манчев од Покров – Струмица и Александар Колекески од Македонски центар за европско образование.

Во денешната програма е најавено маратонци да трчаат протестен полумаратон од 21 км за социјална правда. На оваа тема од 19 часот обраќања ќе имаат Дороти Пачкова, уметница и активистка, Луљета Адеми, активистка и Мила Царовска, политичарка.

По говорите, ќе се одржи изложбата „Сите бои на слободата“ што претставува финале од ликовната работилница организирана од Цивил.

Вечерва пак, во улога на диџеи ќе бидат портпаролот на СДСМ Петре Шилегов и Атанас Бојчев кои ќе пуштаат ретро музика од 80-тите.