Десетта јубилејна отровна анализа на „Арсена“

Граѓанската иницијатива „Арсена“ потенцира дека горливиот проблем со арсенот во гевгелиската вода ќе биде предизвик и за новата локална власт. Особено што новата, десетта по ред анализа од градскиот водовод повторно покажува загрижувачки резултати  – присуство на отровниот елемент арсен во концентрации од 18,6 микрограми на еден литар вода, што е над максимално дозволената граница на СЗО од 10 μg/литар.

„Испитаниот примерок е од чешма од градската водоводна мрежа, а знализата е извршена во меѓународно сертифицирана лабораторија во Грција“, велат од „Арсена“.

Од таму додаваат дека максималните законски ограничувања на анализираните елементи во водата се според Европската легислатива која ги има прифатено Грција, како земја членка на ЕУ и Македонија со Правилникот за квалитет на води на РМ донесен во 2008 година.

По сите десет досегашни анализи, арсенот во водата што ја добиваат граѓаните од градскиот водоводен систем секогаш „држи континуитет“ – високи концетрации од 50 до 120% над дозволената граница.

Анализа Гевгелија септември 2017 – документ испратен од „Арсена“

„Со резигнација констатираме дека сите изминати години претходната локална власт го игнорираше проблемот, за во текот на предизборната кампања да изјават дека проблемот со арсенот е решен. Фактите покажуваат дека на 5 октомври, во екот на изборните активности, анализата на вода во Гевгелија укажува присуство на 86% поголема концентрација на арсен во градскиот водоводен систем од здравствено дозволените граници. Дека проблемот со арсенот е од природно потекло и дека е тука постојано меѓу нас, зборуваат и податоците од испитан примерок вода од реката Конска на Кожуф планина, каде претходната локална власт најави изградба на систем за наводнување. Концентрацијата на арсен во природниот водотек на Конска река е 27,7 микрограми арсен на еден литар вода што е за 177 % повеќе од максимално дозволената граница според СЗО“, велат од „Арсена“.

Ги повикуваат новите органи на локалната власт, Советот и новоизбраниот градоначалник на општина Гевгелија да го ревидираат проектот на Конска брана и употребната вредност на таквата вода со арсен и со приоритет да го реализираат проектот за набавка на деарсенификатори за бунарите кај Моин, за да се обезбеди чиста вода за гевгеличани.

Анализа Конска река – документ испратен од „Арсена“

„Поради долгорочното игнорирање и замолчување за проблемот бараме од Советот на општина Гевгелија кој е основач на локалното комунално претпријатие, да поведат под итно одговорност на раководството на ЈПКД ‘Комуналец’ кој остана глув на сите барања и заложби за чиста вода за пиење и иницијативи за здравствена заштита на граѓаните на кои инсистираше ‘Арсена’, велат од иницијативата.