Десетина средношколци дел од втората сесија на „Филмска училница“ во Кинотека

Во Кинотека се одржа втората сесија од втората сезона на проектот „Филмска училница“ каде се вклучени десетина средношколци кои низ различни едукативни содржини и интерактивно учење во период од десет недели се запознаат со националното аудио-визуелно културно наследство.

Учесниците под менторство на режисерката Марија Џиџева имаа можност да гледаат филмови од архивот на Кинотека, да анализираат филмски дела и да ги запознаат основите на филмската историја и на филмскиот јазик. Низ сесиите тие креираат кратки филмски етиди, кои потоа заеднички ги анализираат.

Во рамки на „Филмската училница“ годинава беше инициран и нов проект „Филмска училница за наставници и професори“. Првиот дел од втората сесија им беше посветен на дваесеттина учесници, наставници од основните училишта во Скопје. Овој проект го водеше проф. д-р Розалина Попова Коскарова, професорка од Педагошки факултет  и авторка на научниот труд „Застапеноста и значењето на филмот во образованието“.

Професорката Попова Коскаров потсети дека филмот како медиум е застапен во наставните програми уште од шеесеттите години на минатиот век. Таа говореше за користењето на филмовите и филмските материјали како наставно средство во изучувањето на литературата и историјата, меѓу останатите предмети, охрабрувајќи ги наставниците да ги користат екранизираните форми на литературните дела и историските настани во едукативните процеси.

Вториот дел од оваа сесија на „Филмска училница“  продолжи со прикажувањето и анализирањето на домашните задачи на учесниците од минатата сесија: тие снимаа видео материјал во еден кадар, со мобилен телефон, и во него опсервираат некој предмет или дејствие кои им го привлекле вниманието.

Учесниците потоа гледаа и анализираа три македонски краткометражни документарни филмови од шеесеттите години на минатиот век.

Во реализацијата учествуваат и Владимир Ангелов, Александра Младеновиќ, Бојан Станишиќ, Александар Трајковски, Дамјана Ивановска, Стојан Синадинов, Игор Старделов, Петар Волнаровски, Тихомир Кашмицоски, Игор Богоевски…

Едукативниот проект е поддржан од Министерството за култура.