Десетина нови изведувачи на „Д фестивал“ во Дојран

Во рамки на фестивалот предвидена е и втората фестивалска сцена „Москито Стејџ“ на која музичката програма ќе се одвива на 18. и 19. јули, од 12:00 до 19:00 часот.

Програмата на оваа бина, ја надополнува понудата на Д ФЕСТИВАЛ со десетина нови имиња. Во сабота (18. јули), Д ФЕСТИВАЛ на оваа бина ќе ги пречека и победниците од последниот „Лузер Фест“, групата „PROJECT 2501“.

Станува збор за аудио/визуелен концептуален сајберкор/сајберпанк бенд од Скопје кој постои од 2011 година, a обработува научно-фантсатични и сајберпанк теми. Визуелниот дел се однесува и на нивните изведби, при што песните се придружувани од страна на визуелизации сработени конкретно за изведуваниот материјал.

Инди рок звукот на младите сили од домашната сцена, на „Москито Стејџ“ ќе го претстави групата „SMOKE SHAKERS“ од Кавадарци, а за највеселото саботно пладне ќе се погрижи групата „SWATOVSKI“. Покрај нив, оваа сцена во сабота ќе ги пречека и веќе најавените „ORATNITZA“, гостите од Бугарија со инвентивен, свеж и неверојатно креативен музички израз, како и македонските претставници „RETRO CABARET“.

Во недела (19. јули) од „Лузер Фест“, на втората по големина сцена на Д ФЕСТИВАЛ доаѓа и второпласираниот бенд „TV RAGE“. Групата постои од октомври 2012 година, а е оформена од страна на Предраг и Дамјан во подрумот на Центарот за култура во Куманово. По неколку месеци тие го комплетираат сегашниот состав со доаѓањето на Анџело Мацура на тапани. Зад себе имаат едно ЕП издание под капата на „Кран Рекордс“ и „Направи Заедно“ кое излезе на 5. јуни 2013 година. Единствената класификација на нивната музика велат дека е рокенрол, валкан, искрен и без никакви калкукации и предиспозиции!

На „Москито Стејџ“ во недела публиката ќе има прилика да ужива и во настапот на младиот скопски состав „Брука Бенд“, како и настапот на Александар Пешевски. Покрај нив, своето гостување на оваа бина веќе го потврди инди-поп групата „Џун“ која на Д ФЕСТИВАЛ ќе го донесе иновативниот и свеж звук на домашната сцена.